Прашан дали БЕСА ќе ги поддржи уставните измени, за кои претходно Касами изјави дека е можно да се случат оваа година, лидерот на опозициската партија вели дека сѐ додека Владата не го земе предвид нивното барање, тие нема да гласаат за промените во Уставот
Пратениците на БЕСА нема да гласаат за уставните измени сè додека формулацијата „јазикот што го говорат 20 отсто од граѓаните“ не се замени со „албански јазик“. Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) го изјави лидерот на БЕСА и градоначалник на Тетово, Билал Касами.
Прашан дали БЕСА ќе ги поддржи уставните измени, за кои претходно Касами изјави дека е можно да се случат оваа година, лидерот на опозициската партија вели дека сѐ додека Владата не го земе предвид нивното барање, тие нема да гласаат за промените во Уставот.
„Ние како движење пуштивме формално барање, но и заеднички став на албанската опозиција дека во делот на уставните измени треба да влезе и промена на формулацијата на албанскиот јазик од ‘јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните’ на формулацијата ‘албански јазик’. Владата не чувствува ни најмала одговорност тоа да го стави во процедура без да има обврска во Собранието да ни ги обезбеди гласовите“,
изјави Касами во интервјуто за РСЕ.
Лидерот на БЕСА додаде дека неговата партија е недвосмислено за носење на уставните измени оти тие ќе го забрзаат патот на земјава кон Европската Унија, но како што рече, Владата уште еднаш покажува оти не е заинтересирана да ги усвои измените колку што е заинтересирана да го истурка својот мандат до крај.
Прашан дали е можна соработка помеѓу БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ по наредните парламентарни избори, Касам за РСЕ вели дека предизборно нема можност за каква било комбинација со македонска партија бидејќи, како што рече, таквите комбинаторики се веќе еднаш пробани, а општеството во земјава не е подготвено за нив.
„После избори, ние како опозиција ако ги добиеме изборите кај Албанците, ако добиеме мнозинство албански гласови и пратеници, ќе седнеме да видиме кои се можни комбинаторики и кои од тие партии би ги прифатиле и нашите, нели, програмски определби за да бидат дел од определбите на идната влада“,
вели Касами.