Со Комисијата ќе раководи пратеничката Рашела Мизрахи од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а за заменик-претседател е избран нејзиниот сопартиец Александар Вељановски. Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на предлог на ВМРО-ДПМНЕ откако медиумите пишуваа за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, а Обвинителство отвори предистражна постапка
Пратеничката од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, е избрана да раководи со Анкетната комисија во врска со скандалот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија и нивно препродавање на црниот пазар, кој го обелоденија дел од медиумите.
Одлуката за избор на Мизрахи за претседателка на ова тело беше донесена на денешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Избран е и останатиот состав на Комисијата.

Членови на Анкетната комисија ќе бидат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов и Петар Ристески, пратеници од СДСМ и коалицијата – Даниела Маркоска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, пратениците Арбен Зибери и Бедри Фазли од ДУИ и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.
За заменик-претседател на Комисијата е избран Александар Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ, а за заменик-членови Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски, Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Талевски, Маја Морачанин, Бети Рабаџиевска Наумовска и Соња Мираковска од СДСМ и коалицијата, Бајрам Кадрија и Берат Ајдари од ДУИ и Артина Казими од Алијанса за Албанците.
Вака утврдениот состав на Анкетната комисија сега треба да помине на пленарна седница.
Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, откако медиумите пишуваа за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, а Обвинителство отвори предистражна постапка.