Јас не верувам дека ова се ситни криминалци. Денеска дознавам дека Хаки и Фејзи Азири ќе се најдат на слобода кои се осудени за тешки дела. Таквите криминалци прават проблем на ВМРО-ДПМНЕ затоа што ќе бидат должни за амнестијата. За мене трговија со дрога не е ситен криминал, рече Коцевски
Законот се уште го немаме добиено, но ќе го бојкотираме оти станува збор за пуштање криминалци на слобода. Ова е втор пат да се прави истото и тогаш, а и сега поентата е да одработат за ДУИ и СДСМ за време на изборите. Ова е обланда за криминалците да се најдат на слобода, истакна вечерва во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24 пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.
Тој додаде дека сето тоа е договор на власта со криминалците за да ги пуштат на слобода се со цел тие да одработат за нив.
„Колку што сум запознаен пред една година оваа Влада има добиено кредит точно на оваа тема, да се создадат подобри услови во затворите во Република Македонија, меѓутоа ништо не е искористено од тоа. Затоа велам дека ова е една обланда за криминалците да се најдат на слобода и повторно да обработат за власта. Јас не верувам дека ова се ситни криминалци. Денеска дознавам дека Хаки и Фејзи Азири ќе се најдат на слобода кои се осудени за тешки дела. Таквите криминалци прават проблем на ВМРО-ДПМНЕ затоа што ќе бидат должни за амнестијата. За мене трговија со дрога не е ситен криминал“,
рече Коцевски.
Тој посочи дека на власта ѝ требале 24 часа за да го изгласа Кривичниот законик. Според него, со овој КЗ владејачките партии се подготвуваат за опозиција и се спасуваат себеси од кривичен прогон.
„Овој КЗ е донесен затоа што се спремаат за опозиција и сегашните партиски функционери и останати криминалци да не одговараат. Владејачкото мнозинство си го обезбеди кворумот од 63 пратеници и го чекаше Али Ахмети за да започне седницата. Прва точка на дневен ред беше Кривичниот законик, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, сите кои беа присутни, гласаа против“,
нагласи Коцевски.
Со Законот за амнестија се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Законот за амнестија не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.