Според министерот, со донесувањето на одлуката за намалување и замрзнување на цените на основните прехранбени производи, која стапи во сила на 20 септември, секое домаќинство во земјава има заштеда по 2 070 денари не вклучувајќи ги тука алкохолните и безалкохолните пијалаци чија цена од денеска е намалена
Трговците со овошје и зеленчук да не го користат македонскиот пазар како резервен и она што како производство е предвидено за тука да не го извезуваат во земјите каде што има недостиг од некои производи. Во спротивно ќе предложиме целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи. Ова денеска го порача министерот за економија Крешник Бектеши при неговата денешна посета на компанијата „Горска“ каде што беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.
Бектеши, фалејќи ја одлуката на Владата за намалување на цените, денеска упати критика и рече дека е незадоволен од постапување на трговците со овошје и зеленчук.
Од податоците што стигнуваат до Министерството за економија, како што рече Бектеши, се забележува дека има најголемо зголемување на цените во делот на овошјето и зеленчукот.
„Во делот на трговците, и тие што го покриваат нашиот пазар, но и тие кои извезуваат, имам порака да не го имаат македонскиот пазар како резерва во делот на снабдување со овошје и зеленчук“,
им порача Бектеши.
Според него, од јули, па до денеска се забележува дека има начелно многу голем извоз за одредени земјоделски производи, а тоа, како што рече, треба да биде во корелација со зголемено производство.
„Во одредени држави има недостиг на овие производи и трговците наместо да го покриваат македонскиот пазар количините што се произведуваат за тука ги извезуваат“,
рече Бектеши.
Бектеши потсети дека Владата преку интервентниот фонд и со редовните субвенции ги субвенционира земјоделците за да се зголеми производството и да имаме поконкурентни цени и потенцира дека намера да субвенционира производи за други држави.
„Владата, и ние како Министерство за економија, немаме намера да субвенционираме производи за други држави. Намената на субвенционирање на производи е за нашата држава и затоа не сакаме да се доведеме во ситуација таа разлика што се прави да бидеме обврзани да ја надополниме со увоз, кој согласно моменталните царинските давачки е 65 отсто за одредени земјоделски производи. Затоа упатувам апел тоа што е предвидено да се пласира на нашиот пазар тоа да се направи. Ако се прави спротивното ние како Министерство за економија нема да предлагаме до Владата намалување на одреден процент, но ќе предлагаме целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи“,
рече тој.
Министерот рече дека одредена количина на производство оди во Косово, Грција или друга држава каде што има недостиг на тие производи. Домашните трговци, како што рече Бектеши, го намалуваат процентот на производство што треба да биде за снабдување на домашниот пазар и тие количини ги продаваат надвор од државата.
„Тоа значи дека субвенциите што ние ги даваме како држава, мерките што ги носиме, не сакаме да субвенционираме граѓани на други држави, туку нашите. Веќе имаме информации дека нашите соседи, особено Србија, а во некои случаи и Косово, прават дампинг цени се со цел да бидат поконкурентни на нашиот пазар, вклучувајќи ги тука и одредени производи во делот на безалкохолните и алкохолните пијалаци. Ние сме обврзани да ги штитиме нашите домашни производители, а преку тоа и потрошувачите“,
додаде тој.
Според министерот, со донесувањето на одлуката за намалување и замрзнување на цените на основните прехранбени производи, која стапи во сила на 20 септември, секое домаќинство во земјава има заштеда по 2 070 денари не вклучувајќи ги тука алкохолните и безалкохолните пијалаци чија цена од денеска е намалена. Со намалените цени и на овие производи, рече Бектеши, заштедата би достигнала до 2 400 или 2 500 денари за секое домаќинство. Податоците што ги изнесе Бектеши се врз основа на сите анализи во делот на начинот како се реализираат мерките и кое е нивното влијание во однос на потрошувачите.
„Анализите се споредбено со цените кои биле на 1 август годинава во малопродажба и тоа што беше на 20 септември. Ова уште еднаш покажува дека одлуките на Владата се прават согласно конкретни податоци, имаат директно влијание на животниот стандард на граѓаните, а воедно нема да застанеме и ќе носиме дополнителни мерки“,
рече Бектеши.
Директорот на ДПИ, Горан Трајковски, и денеска повтори дека сите инспектори се на терен и дека ќе нема толеранција за големите синџири маркети, но и за малите трговци.
„ДПИ ќе го посети и секое село каде има и мали трговци бидејќи до нас стигаат пријави од граѓаните. Она што се однесува околу мерката, главно големите синџири маркети ги исправија неправилностите и ја применуваат ’гарантираната цена’. Она што исто така е за пофалба е тоа дека одредени трговци излегоа и со дополнителни намалувања и на други производи“,
рече Трајковски.
Во однос на казните кои им беа изречени на неколку големи синџири маркети и беа затворени неколку дена, Трајковски рече дека казните веќе се платени и истите ќе може да отворат од утре наутро.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека зависно од движењата на пазарот ќе следуваат и други одлуки за олеснување на товарот од инфлациските движења, а тие одлуки, како што рече, веќе се подготвуваат во Министерството за економија.
Тој најави дека по одлуките за гарантирана цена на производите ќе стартува и сетот со мерки за повисоки плати и пензии, повеќе средства за социјална помош, за субвенции за земјоделците. Со деветтиот пакет на антикризни мерки што е во подготовка, Ковачевски рече дека ќе има повеќе средства за поддршка на ранливите категории и на ликвидноста на компаниите.