Дачиќ вели дека косовскиот премиер Албин Курти е единствениот виновен за сè што се случи и додаде дека Белград не оправдува никакви насилни дејствија

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, вели дека не знае дали на видеото што го објави шефот на косовската полиција Џелал Свечла се наоѓа потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, но дека е очигледно оти видеото не е од денот на нападот на северот од Косово.
„Немам информации дали тој (Радоичиќ) е на видеото или не, навистина не знам“,
изјави Дачиќ за РТС наведувајќи дека видеото не е од тој ден и дека се работи за подметнување.
Според Дачиќ, дека видеото не е од тој ден потврдува и тоа што на него може да се види дека има и снег.
Вчера косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла објави видео во кое се наведува дека Радоичиќ бил меѓу вооружените лица кои се судриле со косовската полиција во манастирот Бањска во Општина Звечан на северот од Косово.
Според Дачиќ, Косово „се обидува да докаже и покаже дека Милан Радоичиќ или Звонко Веселиновиќ биле тие што ги извршиле овие акции“.
Тој, исто така, рече дека косовскиот премиер Албин Курти е единствениот виновен за сè што се случило и додаде дека Белград не оправдува никакви насилни дејствија.
„Жалиме за убиството на полицаецот, за загубата на српски животи и што се случи таков инцидент што не е во интерес на Србија“,
рече Дачиќ.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, вчера по објавувањето на видеото напиша дека Радоичиќ бил водач на терористичката група и нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку.
Свечла во интервју за Еуроњуз Албанија повтори дека видеото на кое, како што рече, се гледа Радоичиќ, е снимено со полициски дрон, а Радоичиќ бил во просториите на манастирот Бањска.
Тој рече и дека на 24 септември во акција биле над 30 терористи предводени од Милан Радоичиќ.
Косовската полиција во Јужна Митровица на прес-конференција ги покажа оружјето, возилата и предметите запленети во селото Бањска на северот на Косово по неделниот напад на вооружената група, во кој загина полициски старешина, а три лица од групата беа убиени и неколкумина беа уапсени.
На прес-конференцијата, пред презентацијата на запленетото оружје, Свечла рече дека во едно од возилата, марка „мерцедес“ со белградски регистарски таблички, биле пронајдени документи на име на заменикот на Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово, Милан Радоичиќ.