Според Пешев, затворањето на супермаркетите никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените. Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа
Маркетите немаа доволно време за да се „престројат“ во однос на намалувањето на цените затоа што се работи за околу 1 200 артикли. Мерката за затворањето на маркетите е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите, вели извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, коментирајќи го завчерашното затворање на повеќето синџири маркети во Скопје и Струга.
Според Пешев, затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените.
Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.
„Учествував на двата состанока во Министерството и со големите синџири супермаркети и со дистрибутерите. Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за десет отсто на таа класа производи која беше важна за Министерството. Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 24 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1 200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне“,
рече денеска Пешев одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.
Според него, не е добро супермаркетите да останат затворени, независно колку и да се. Тој се надева дека во еден кооперативен дијалог во текот на денот ќе се најде начин како објектите да почнат да работат и да се најде договор со која динамика ќе се поправат недостатоците кои биле евентуално востановени.
„Јас немам директен записник поради кои причини биле затворени супермаркетите, се надевам ќе имаме и информација. Динамично работиме, бевме во комуникација и вчера, во недела, ќе бидеме во комуникација и денеска. Не е добро да останат супермаркетите, колку и да се, затворени. Никому тоа не носи бенефит, особено сега кога се намалени цените“,
додаде Пешев.
Тој вели дека иако во текот на договарањето со компаниите околу поевтинувањето на производите Владата ветила дека ќе им каже која дата ќе биде земена како репер, тоа не го сторила, туку 1 август како датум го соопштила дополнително преку медиумите. Извршниот директор негира и дека над 90 отсто од решенијата што ги носи Владата се предлози од стопанските комори, како што во четвртокот рече министерот за економија Крешник Бектеши.
„Информирани сме, но финалните решенија ги слушаме како и вие, од одлуката на Владата. Беше договарано принципиелно, конкретно за последната мерка, за класа артикли кои спаѓаат во основни производи и најголем дел од синџирите маркети тоа го кажаа – рекоа дека се подготвени, ако се работи за таа класа продукти кои директно влијаат на потрошувачката кошничка, солидарно, по пет отсто да намалат од своите маржи, за да поевтинат производите“,
објасни Пешев и информира дека за да бидат цените намалени 10 отсто, за по пет отсто отстапиле и маркетите и дистрибутерите.
Завчера, директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски преку својот фејсбук профил објави дека се казнети и затворени повеќе синџири големи маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга. Трајковски порача дека секој мора да ги почитува законите и одлуките на Владата, како и дека нема да дозволи никој да ги манипулира и доведува во заблуда потрошувачите. Директорот на ДПИ апелира до сите трговци, дека нема да има компромис, ниту селекција во постапувањето кога е во прашање интересот на граѓаните.
Државниот пазарен инспекторат уште од средата ги проверува маркетите дали ја почитуваат одлуката на Владата за поевтинување на 24 категории основни прехранбени производи кои треба да се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние кои биле на 1 август годинава.
За сите неправилности во врска со цените на производите на кои ќе наидат, Трајковски апелираше до граѓаните да ги пријават на телефонскиот број 02 191, кој, како што рече, работи 24 часа.
Владата на седница го утврди списокот на производи кои од денеска треба да се продаваат по намалена, гарантирана цена, и тие не ќе смеат да поскапат до 30 ноември. Станува збор за 24 категории на производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, кои во маркетите треба да се продаваат со ознака „гарантирана цена“.