Документарниот филм на ИРЛ, „Нечиста крв“, е првонаграден во категоријата „Мали и средни медиуми“ меѓу шест финалисти заедно со „Viewfinder“ од Јужна Африка со сторијата „Above the law“

Истражувачкиот филм „Нечиста крв“ во продукција на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и Македонскиот јавен сервис (МРТВ) ја доби наградата за истражувачко новинарство – Global Shining Light Award за истражувањето „Нечиста крв“ на 13. Глобална конференција за истражувачко новинарство (GIJN), во Гетеборг, Шведска.
За наградите, кои беа доделени вчеравечер, оваа година конкурираа рекорден број – 419 учесници од 84 земји. ИРЛ е првиот македонски медиум кој некогаш бил номиниран и ја добил наградата Global Shining Light Award.
Номинациите беа во две категории, големи редакции кои имаат над 20 члена во тимот и мали редакции со помалку од 20 члена. Глобалната мрежа за истражувачко новинарство одлучи во двете категории да додели по две први награди и по еден сертификат во секоја категорија. Документарниот филм на ИРЛ е првонаграден во категоријата „Мали и средни медиуми“ меѓу шест финалисти заедно со „Viewfinder“ од Јужна Африка со сторијата „Above the law“.
„Ова е прво вакво признание за работа на новинари од Македонија и горди сме што можеме да ја претставиме работата на македонските новинари во вакво светло и во ваква конкуренција. Наградата е особено значајна затоа што ги слави новинарите кои работат во тешки и опасни услови и во непријателска околина. Балканските организации ретко добиваат вакви признанија, всушност досега оваа награда ја добила само една организација, што нè прави уште посреќни, но и обврзани да продолжиме со оваа работа без разлика на тоа колку е голем предизвикот“,
рече Сашка Цветковска, главен и одговорен уредник на ИРЛ.
За доделувањето на наградите одлучуваа искусни истражувачки уредници и професори како Шејла Коронел – професорка по истражувачко новинарство на Факултетот за новинарство на Универзитетот „Колумбија“; Дејвид Ли – поранешен истражувачки уредник на „Гардијан“; Бенон Олука – уредник на GIJN Африка; мексиканската новинарка Марсела Турати и украинскиот тренер за развој на медиуми Олег Хоменок.
„Опасно време e да се биде истражувачки новинар и нашите победници покажаа дека со храброст, умешност и поддршка од граѓаните, можно е револуционерно известување и големо влијание и покрај ризиците. Ги поздравуваме овогодинешните наградени. Тие се инспирација за сите нас“,
истакна претседателката на жири комисијата и професорка по истражувачко новинарство Шејла Коронел.
Во категоријата „Мали и средни медиуми“ заедно со ИРЛ беа номинирани уште пет истражувачки стории и тоа:
- „Kidnapping in Haiti — Caught in the Middle“ – Connectas and Enquête d’action (Хаити),
- „Scorpion Prison Cells Above the Law“ — ARIJ (Египет),
- „The Deadly Ways Colombian Police Quell Protests, and Its Alliances with Armed Civilians“ — Cuestión Pública (Колумбија),
- „Secret Prisoners of Dhaka“ — Netra News (Бангладеш) и
- „Above the Law — Viewfinder (Јужна Африка).
Во оваа категорија покрај првата доделена награда за ИРЛ и „Viewfinder“, жирито додели и сертификат за извонредно известување за сторијата од Бангладеш.
Во категоријата за големи медиуми наградата ја делат „The Bandit Warlords of Zamfara“, документарен филм на BBC Africa Eye (Нигерија) и „Corredor Furtivo“, сторија изработена од Armando.Info (Венецуела) и „Паис“ (Шпанија).
Сертификат за извонредност во категоријата „Големи медиуми“ доби сторијата од Украина насловена како „How Volunteers Buried Civilians en Masse in Izium“ и изработена од Radio Liberty и Schemes.