Владата, на денешната седница, констатирала дека постои потреба од дополнително усогласување на предлог-законот за амнестија со надлежните институции, по што министерот за правда Кренар Лога, на неофицијалниот дел од владината седница, усно се заканил дека ќе си поднесе оставка
Предлог-законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда денеска не ја помина владината седница и е испратен на усогласување со надлежните институции.
„Владата, на денешната седница го разгледа и текстот на предлог-законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на предлог-законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на предлог-законот за амнестија со надлежните институции“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
По ова, министерот за правда Кренар Лога, на неофицијалниот дел од владината седница, усно се заканил дека ќе си поднесе оставка доколку не биде усвоен предлог-законот за амнестија. Како што пренесува ТВ Сител, во вечерните вести, Лога усната закана за оставка ја изнел откако останатите министри веќе биле станати и тоа го кажал пред своите колеги.
Со законот за амнестија се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Целта на предлог-законот, како што велат од Министерството за правда, е растоварување на затворите во земјава, со оглед на алармантната состојба во која се наоѓаат и која е потенцирана во многубројни меѓународни извештаи, меѓу другото, и од Советот на Европа.
Законот за амнестија, како што информираат од Правда, не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
Од Министерството за правда информираа и дека предлог-законот е доставен и до координаторите на политичките партии во парламентот и оти очекуваат поддршка од сите пратеници за ова законско решение.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека партијата преку демократски алатки ќе го блокира предложениот закон за амнестија што го подготви власта.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тој закон е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. Мицкоски, откако беше подготвен предлог-законот, рече дека тие политички партии или дел од тие полтички партии денеска се од Владата и може да се види, како што рече, дека таквиот закон не одговоара ама буквално ниту на потребите ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира, додаде Мицкоски.