Од платото пред Кривичниот и Граѓанскиот суд, вработените во судската администрација го продолжија протестниот марш до Судскиот совет, каде што се сретнаа со претседателот Сашко Георгиев. По средбата, тој соопшти дека го поддржува протестот и ги повика надлежните да одговорат на барањата на вработените во судската администрација
Со барање за достонствени, европски плати, вработените во судската администрација и денеска, како и изминатите денови, излегоа на протестен марш. Протестот започна пред платото на Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје, а заврши пред зградата на Судскиот совет.

Таму, претставници на Независниот синдикат на судската аминистрација остварија средба со првиот човек на Судскиот совет, Сашко Георгиев, кој изрази поддршка за протестот.
„Ја имаат мојата поддршка. Се надевам на резултати во скоро време. Дали ќе се успее, зависи од Министерството за финансии. Ги повикувам сите релевантни надлежни фактори да пристапат кон решавање на оваа проблематика, бидејќи ќе има последици ако судството бојкотира. Да гледаме оптимистички, сега со ангажирање на медијатор, дека ќе се најде разбирање“,
рече претседателот на Судскиот совет.

Меѓу барањата на Синдикатот на судската аминистрација се и зголемување на платата за 78 проценти од минимална и додатоците на плата за 35 отсто од судскиот буџет.
На денешниот протест беа побарани правата за достоинствена плата, поради, како што беше кажано, високиот степен на одговорност што го имаат службениците во судовите. Вработените во судската администрација најавија дека ќе продолжат со протестите пред судовите од девет до десет часот, додека траат преговорите.
