„Значи, јас ветив, кога почнавме со ваквите мерки, дека инфлацијата на крајот на годината во делот на храната нема да биде повисока од пет отсто. Ви зборувам во делот на храната. Таа моментално е 10 отсто“, рече министерот на денешната прес-конференција
Доколку има потреба, мерката за ограничување на цените на прехранбените продукти ќе биде продолжена, а списокот на производи кои ќе се продаваат по „гарантирана цена“, како што рече министерот, ќе биде проширена
Министерот за економија Крешник Бектеши очекува владината мерка за ограничување на цените на дваесетината категории прехранбени производи, која ќе биде во сила два и пол месеца, да ја намали целокупната инфлација во делот на храната за четири до пет отсто до крајот на ноември.
Тој ова го кажа откако во владиниот прес-центар денеска го презентира списокот на продукти за кои Владата на денешната седница одлучи дека ќе се продаваат по пониски „гарантирани цени“.
„Значи, јас ветив, кога почнавме со ваквите мерки, дека инфлацијата на крајот на годината во делот на храната нема да биде повисока од пет отсто. Ви зборувам во делот на храната. Таа моментално е 10 отсто“,
рече министерот на денешната прес-конференција.
Бектеши е уверен дека трговците ќе ја почитуваат мерката и ќе ги продаваат овие категории на производи по ограничени цени, односно по цени кои се за 10 отсто пониски во однос на цените по кои се продавале на 1 август.
Дополнително на оваа одлука, Владата направи корекција на одлуката со која на трговците им забрани да продаваат производи по акциски цени. Па така, трговците ќе можат да прават акции, дури и на производите кои се со замрзнати цени, но само доколку акциската е пониска од замрзнатата цена. По акциски цени ќе може да се продаваат и производите чиј рок на траење е пред истекот, но за тоа трговците ќе бидат должни соодветно да ги информираат потрошувачите.
Прашан која ќе биде казната за трговците што нема да ја почитуваат владината одлука, министерот кажа дека казната, меѓу другото, ќе биде и забрана за вршење на дејноста. Казните ќе ги изрекува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кој ќе проверува дали се почитуваат мерките за ограничување на цените, а дополнително, додаде министерот, од вторник идната недела ќе се зголемат ингеренциите на Инспекторатот.
„Она што го барам од претставниците на медиумите и од граѓаните – ако забележат непочитување на ваквите мерки да го известат Државниот пазарен инспекторат. Ако тогаш не се постапува од страна на ДПИ, како Министерство за економија ги преземеме соодветни мерки и кон Инспекторатот“,
рече министерот на денешната прес-конференција.
Доколку има потреба, мерката за ограничување на цените на прехранбените продукти ќе биде продолжена, а списокот на производи кои ќе се продаваат по „гарантирана цена“, како што рече министерот, ќе биде проширена.
Се очекува на оваа листа да се најдат и алкохолните и безалкохолните пијалаци.
Мерката со која Владата ги ограничува цените на лебот, дел од млечните, месните производи, како и овошјето и зеленчукот ќе стапи во сила по објавувањето во „Службен весник“, која, како што изјави Бектеши, се прават напори да биде објавена денеска или евентуално најдоцна утре.