Изјавата на Заев следува откако претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за ТВ 21 кажа дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба
Наводите за тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик вечерва во објава на Фејсбук ги коментира и експремиерот Никола Груевски. Вели дека за измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба, немало никакви тајни средби на кои тој учествувал
Поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за Телевизија 24 негира дека имал тајни средби со експремиерот, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со измените во Кривичниот законик (КЗ) кои изминатиов период ја брануваат јавноста.
„Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина“,
вели Заев во изјавата за ТВ 24.
Изјавата на Заев следува откако претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за ТВ 21 кажа дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.
„Три години е разговарано, дебатирано со опозицијата и во тоа време преземавме заедничка иницијатива ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се укине стариот законик. Првично не се согласуваше Зоран Заев и потоа кога се договаравме за да се укине договорот со СДСМ, зашто СДСМ првично се повлече, кога се договоривме со СДСМ се повлече ВМРО-ДПМНЕ. Се повлече Христијан Мицкоски од измената на Кривичниот законик и ова беше големо изненадување. Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на овој Законик и негово усогласување со европските стандарди. На тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до момент кога се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО-ДПМНЕ“,
вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервјуто за ТВ 21.
Наводите за тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик вечерва во објава на Фејсбук ги коментира и експремиерот Никола Груевски. Вели дека за измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба, немало никакви тајни средби на кои тој учествувал.
Членот 353 од Кривичниот законик, пишува Груевски во објавата на Фејсбук, како несоодветен на кривичното законодавство на Европската Унија, е споменуван неколкупати на маргините на други состаноци организирани за правни прашања на различни нивоа до 2018 година.
„Но, никогаш не се влезе во некоја фаза на реализација, бидејќи во тоа време приоритет на власта беше што посилен да е политичкиот прогон, а не усогласување на законодатвстото со ЕУ, особено ако тоа може да им попречи во злосторничките намери на Зоран Заев“,
додава Груевски.
Експремиерот додава дека сите наводи за негови наводни комуникации и средби или, пак, влијанија на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и, како што вели, наводите дека во изминатиот период имал средби со претставници на власта во врска со одредени прашања.
„За средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало ‘пред 3-4 години’, како што наведе Али Ахмети во неговото интервју, не можам да се произнесам бидејќи во тој период јас не сум во Македонија, а по моето заминување од Македонија новото раководатво целосно ме екскомуницираше и немам никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки, освен од медиумите“,
пишува Груевски на Фејсбук.