Очекувањата на Бектеши се од понеделник, пред да се донесе мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи, да има најмалку 10 отсто линеарно намалување на сите прехранбени производи, а ова, како што нагласи, ќе го пренесе и на утрешната средба со седум или осум синџири на супермаркети како став на Министерството за економија
Мерките што ќе се воведат ќе важат до 30 ноември, а има можност и за продолжување со измени и дополнувања на Законот за Државен пазарен инспекторат и нов закон за нефер трговски практики, рече Бектеши

Акциската продажба на одредени прехранбени производи и кампањите кои супермаркетите ги воведуваат до 30 ноември ќе бидат забранети, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
Оваа одлука, како што рече, се носи поради тоа што е забележано дека одредени синџири на супермаркети прават измама со можностите да направат акциска продажба и намалување или, пак, одредени кампањи.
„Министерството за економија денеска достави до Владата предлог-одлука со која ќе се забрани да се нуди акциска продажба и промотивна продажба од страна на сите синџири на трговци во нашата држава до 30 ноември. Можеби ова изгледа чудна одлука имајќи предвид дека ќе им скратиме на граѓаните одредено намалување на цените, но не е така. Ќе се знае точната цена на одреден производ колку ќе биде, а не да се калкулира на дневно или на неделно ниво со тие цени и да се доведуваат во заблуда потрошувачите“,
рече Бектеши по денешната средба со директорот на Државниот пазарен инспекторат и раководителите на подрачните одделенија на Инспекторатот.
Замрзнување на цените во прехранбената индустрија од следната недела
Оваа одлука Бектеши ја правда и со најава дека ќе проследи до Владата и одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија, а која ќе треба да се донесе на првата наредна седница, односно во вторник, а да стапи во сила откако ќе биде објавена во „Службен весник“, односно во среда или четврток.
Замрзнувањето на цените, како што рече Бектеши, ќе следува за да се знае точно, концизно и во детали колку се и колку ќе биде намалувањето за да не им се дава можност на трговците да злоупотребуваат и да се правдаат дека тие биле на акција или имало одредена кампања.
Очекувањата на Бектеши се од понеделник, пред да се донесе мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи, да има најмалку 10 отсто линеарно намалување на сите прехранбени производи, а ова, како што нагласи, ќе го пренесе и на утрешната средба со седум или осум синџири на супермаркети како став на Министерството за економија.

Мерките што ќе се воведат ќе важат до 30 ноември, а има можност и за продолжување со измени и дополнувања на Законот за Државен пазарен инспекторат и нов закон за нефер трговски практики, рече Бектеши.
За утре најави и дека Министерството за економија ќе достави толкување на законот за заштита на потрошувачите до директорот на Државниот пазарен инспекторат со кое ќе се бара освен глоби за супермаркетите и за трговците на прехранбени производи да има и затворање и забрана за вршење дејност.
„Такви одредби има во нашите законски решенија повикувајќи се на член 69 од Законот за заштита на потрошувачите и член 29 и 30 од Законот за трговија“,
рече министерот.
Бектеши ја отфрли можноста трговците да ги зголемат цените пред да стапи во сила одлуката за нивно замрзнување, со образложение дека одлуката за забрана на акциска продажба и кампањи ќе се носи пред тоа, а замрзнувањето на цените ќе биде со претходен датум кој трговците нема да го знаат.
На прашањето дали ќе останат на тоа дека цените треба да се намалат за 10 отсто или, пак, ќе има некаков џентлменски договор, Бектеши рече дека тоа нема да се случи и ќе има конкретни одлуки кои мора да се почитуваат, а не ја исклучи можноста тие 10 отсто да бидат и многу поголеми.
Во образложението за носењето на овие одлуки Бектеши рече дека има намалување на инфлацијата споредено со претходните месеци, а според анализите на Министерството за економија има уште поголем простор за да се намалат овие цени.
„Сите завршни сметки, особено на големите синџири на супермаркети, покажуваат дека тие немаат намалување на нивните приходи, напротив има нивно зголемување претходната година која во делот на цените беше најтешка година имајќи ја предвид војната и случувањата со енергетската криза“,
додаде Бектеши.
Државниот пазарен инспекторат ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис, како и досега. Пазарниот инспекторат и понатаму останува да работи со засилени контроли на терен, со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Ги охрабрувам сите граѓани што ќе забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат, изјави денеска директорот на ДПИ, Горан Трајковски, по состанокот со министерот за економија Крешник Бектеши и раководителите на подрачните одделенија на инспекторатот.

Тој рече дека следејќи ги цените, порастот на инфлацијата и реакциите на граѓаните, за високите цени на производите, ДПИ како институција нема надлежност ниту, пак, може да влијае врз формирањето на цените на пазарот, но најави дека ако Владата по предлог на Министерството за економија донесе одлуки во врска со намалување на цените и ДПИ ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис, како и досега.