Не сакам да предвидувам, но САД ќе доживеат во еден момент терористи да извршат нов напад во стилот на 11.9.2001 година, но со нуклеарна или биолошка компонента, пишува Медведев на Телеграм
Поранешниот претседател и премиер на Русија, како и актуелен претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, на својот канал на Телеграм упатува закани дека САД би можеле да доживеат напад како оној на 11 септември 2001 година, но со нуклеарно или биолошко оружје.
Медведев заканите ги упати еден ден пред годишнината од терористичките напади во кои загинаа 2 996 луѓе.
Тој вчера објави, како што рече, „неколку збора во пресрет на 11 септември“. Во објавата тој ги обвини САД за, како што вели, „ароганција и одвратен нарцизам“ меѓу западните нации и „универзална ароганција за кое било прашање“.
Објавата на Медведев од Телеграм, на „Икс“ ја сподели Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.
Герашченко во описот на „Икс“ вели дека Медведев ја користи годишнината од трагедијата за да упати повеќе закани кон Западот.
„Реториката на поранешниот руски претседател и сегашен државен функционер укажува дека Русија ги гледа заканите и уцените како свој дипломатски метод којшто го преферира. Се прашувам дали Медведев продолжува да ги користи производите на ’Епл’“,
пишува Герашченко.
Medvedev uses the tragedy of the upcoming 9/11th anniversary to make more threats towards the West.
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) September 10, 2023
The rhetoric of former Russian president and current state official indicates that Russia sees threats and blackmail as its preferred diplomatic method.
I wonder if Medvedev… pic.twitter.com/sDjLpG0Zeh
„Не сакам да предвидувам, но САД ќе доживеат во еден момент терористи да извршат нов напад во стилот на 11.9.2001 година, но со нуклеарна или биолошка компонента“,
пишува Медведев.

Медведев во објавата вели „или уште полошо: еден од лидерите на нуклеарните земји ќе ги изгуби нервите и ќе донесе емотивна одлука да употреби оружје за масовно уништување. Особено што нуклеарниот клуб постојано се шири и значителен дел од него не е обврзан со никакви обврски. И тогаш тоа би било тоа. Крај на играта. Ќе остане само да се соберат пари за нов споменик во квартот Граунд Зеро. Во најдобар случај“, додаде тој.
Минатиот месец, во интервју за руската државна новинска агенција ТАСС, Медведев даде слични коментари сугерирајќи дека САД и другите западни земји го туркаат светот поблиску до трета светска војна.
„Да бидам искрен, дефинитивно ќе беше подобро да ги слушнат сигналите. Во секој случај, светот не треба да се соочува со закана од трета светска војна. Всушност, ова е ситуација во која нашите противници активно туркаат сè“,
рече Медведев.