Додека се подготвуваше да даде изјава за новинарите пред зградата на Европската комисија, двајца еколошки активисти му пријдоа на О’Лири и му залепија торта во лицето и на грбот

Мајкл О’Лири, извршен директор на „Рајанер“, една од најголемите европски авиокомпании, беше нападнат од еколошки активисти пред Европската комисија во Брисел.
Додека се подготвуваше да даде изјава за новинарите пред зградата на Европската комисија, двајца еколошки активисти му пријдоа на О’Лири и му залепија торта во лицето и на грбот.
„Добредојдовте во Белгија. Запрете ги авионите кои ја загадуваат животната средина“,
рече при тоа една од активистите и се оддалечи од местото на инцидентот.
Со шлаг на лицето, О’Лири саркастично рече дека никогаш немал толку топло добредојде.
„За жал, овие луѓе се екологисти и шлагот што го користат е вештачки. Ги повикувам нашите патници во Ирска, каде што шлагот е многу подобар“,
рече тој.
Откако беше намачкан, шефот на најголемата европска авиокомпанија продолжи да разговара со медиумите велејќи „Тука сме да разговараме за петицијата. Сакам крем колачи. Тие ми се омилени.”
Потоа излижа малку од кремот од рацете и додаде: „Тоа е вкусна торта“.
Le PDG de Ryanair entarté par des militantes écologistes à Bruxelles pic.twitter.com/uyK9T0v2SB
— BFMTV (@BFMTV) September 7, 2023
По инцидентот, на социјалните мрежи на „Рајанер“ беше објавена фотографија од О’Лири со лицето измачкано со торта.
„Топло добредојде за да ги прославиме седумте нови линии на ‘Рајанер’ за зимата 2023 година. Патниците се толку задоволни од нашите нови линии што слават со торта“,
се вели во пораката.
На Твитер, пак, компанијата објави фотографија од О’Лири со порака до еколошките активисти дека наместо да купуваат крем пити, можеле да купат лет од Белгија за иста цена.
Instead of buying cream pies, could have bought a flight from Belgium for the same price ? pic.twitter.com/8jruYI3ZxE
— Ryanair (@Ryanair) September 7, 2023
О’Лири пристигна во Брисел за да и достави петиција на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со која се повикува на заштита на „прелетувањата“ за време на штрајковите на контролата на летање.
Шефот на авиокомпанијата ги повика европските лидери да дозволат летовите кои поминуваат низ францускиот воздушен простор, но не полетувањето или слетувањето на француска територија, да бидат ослободени од ограничувањата наметнати по штрајкот на контролорите на летање во земјата.
„Рајанер“ соопшти дека досега има собрано 1,8 милиони потписи на својата онлајн петиција.
„Рајанер“ го користи аеродромот „Шарлроа“ во Белгија како еден од центрите од каде што лета до многу градови во Европа.
Сепак, во последниве месеци активностите на „Рајанер“ во Брисел беа во центарот на вниманието поради штрајковите на пилотите и другите работници. Вработените кои сакаат да ги подобрат условите за работа се подготвуваат за штрајк на 14 и 15 септември. „Рајанер“ е ирска нискобуџетна авиокомпанија со седиште во Даблин.