Од Платформата доставиле и официјално писмено барање до претседателот на државата да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик, а за тоа наведуваат две причини, од кои првата, како што велат, се измените на членовите 353 и 353-в од КЗ, при што намалувањето на казните ќе резултира со застарување на многу случаи од висок профил, од кои најголем дел беа отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО)
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата соопшти дека денеска побарала од претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи своето уставно загарантирано право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера ги усвои Собранието по скратена постапка (со европско знаменце).
Претставниците на граѓанските организации – членки на Платформата доставиле и официјално писмено барање до претседателот Пендаровски.
Од Платформата нагласуваат дека има две причини зошто шефот на државата, како што велат, има должност да го искористи ветото.
Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со:
- Застарување на многу случаи од висок профил како „Титаник“, „Таргет/Тврдина“, ТНТ, „Титаник 2“, „Трезор“, „Талир“, „Шпански скали“ и „Траекторија“, како и други случаи од понизок профил;
- Ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција;
- Ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.
Втората причина, велат од невладината, е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право.
„На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“,
се посочува во соопштението на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Платформата за антикорупција, како што е наведено во нејзиниот историјат, е основана на 9 декември 2014 година во Скопје. Нејзините цели се проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата. Платформата, според нејзината мисија, ќе тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис-заедницата и меѓународната заедница. Ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно. Меѓу граѓанските организации членки на Платформата се: Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Коалиција „Сите за правично судење“, „Метаморфозис“, „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, Фондација „Отворено општество“ – Македонија, Центар за граѓански комуникации, „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права…
Собранието вчера во рамките на 125. Пленарна седница експресно со 48 гласа „за“ ги усвои измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Намалувањето на казните повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Конкретно, за членот 353 од Кривичниот законик се предлага намалување на казните во неколку става.
Така актуелниот став 3 од членот 353 кој сега гласи: „Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години“, со усвоените измени гласи:
„Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг поголема имотна корист или нанесе поголема имотна штета, ќе се казни со затвор од една до четири години“.
Ова значи дека со предложените измени на членот 353, став 3, се намалува долната, а се воведува и горна граница на казна затвор за ова кривично дело. Односно, актуелното решение пропишува казна затвор од најмалку три години, а сега таа се ограничува меѓу најмалку една и најмногу четири години.
Со измените од членот 353 се брише ставот 5, што значи дека нема да има дополнителна затворска казна (до пет години) за лицата кои ќе бидат осудени за злоупотреба на службената положба затоа што го сториле делото при вршење на јавни набавки или на штета на Буџетот. Поточно, за ваквите кривични дела ќе си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик.
Со измените на Кривичниот законик кои вчера ги усвои Собранието се брише и ставот 2 од членот 353-в и се менува ставот 3. Така, наместо казна затвор од најмалку три години за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сега се поставува граница – од шест месеци до пет години.