Со објавувањето на огласот во „Службен весник“ почнува да тече рокот од десет дена за нов директор на ОТА, во кој заинтересираните кандидати ќе треба се пријават и да ги достават потребните документи
Од утре, пак, Оперативно-техничката агенција останува без директор кога истекува петгодишниот мандат на актуелниот раководител со институцијата, Зоран Ангеловски, што го остава отворено прашањето – кој и како, додека се избере негов наследник, ќе управува со Агенцијата кај која е опремата за следење на комуникациите и каде се активираат судските наредби за оваа посебна истражна мерка
Одлуката за распишување на оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која вчера, на само два дена пред истекот на мандатот на актуелниот раководител на институцијата, беше изгласана во Собрание денеска е објавена во „Службен весник“.

Со ова почнува да тече рокот од десет дена, колку што трае огласот, во кој заинтересираните кандидати ќе треба се пријават и да ги достават потребните документи.
За директор на ОТА, како што е наведено во огласот, а произлегува од Законот со кои е уредена надлежноста и работата на оваа независна државна институција, може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во областите информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки. Исто така, се бара и минимум десетгодишно работно искуство во овие области по завршеното образование.
Инаку, утре завршува петгодишниот мандат на актуелниот директор на Агенцијата, Зоран Ангеловски, а Собранието дури вчера ја донесе одлуката за распишување на оглас за негов наследник.
Ова го отвори прашањето, на кое засега нема одговор од институциите, кој и како од утре ќе управува со институцијата кај која е опремата за следење на комуникациите и каде се активираат судските наредби за оваа посебн истражна мерка.
Ангеловски денеска требаше да одржи прес-конференција пред Собранието, но неколку часа пред одредениот термин (11 часот) стигна известување од ОТА дека појавувањето пред новинарите ќе биде одложено на неопределено време „поради итни и неодложни работи“.
Актуелниот директор на ОТА во одговорите на прашањата на „360 степени“ пред два дена предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
„Во Законот за Оперативно-техничка агенција (‘Службен весник на Република Македонија’ број 71/18 и ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ број 98/19), иако се уредени повеќе прашања поврзани со надлежностите и раководењето на ОТА, не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор, односно важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА кои произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице“,
изјави Ангеловски за „360 степени“.

Тој за раководител на оваа важна институција во синџирот за заштита на националната безбедност и борбата со криминалот беше избран пред точно пет години. Со двотретинско мнозинство во Собранието, Ангеловски беше назначен на чело на Оперативно-техничката агенција на 7 септември 2018 година, откако власта и опозицијата постигнаа договор за името од пристигнатите вкупно 14 кандидатури.
Вчера од Делегацијата на ЕУ побараа властите да обезбедат континуитет во работењето на ОТА.
„Оперативно-техничката агенција има одговорност за следење на комуникацијата со овластување од суд во кривична постапка или во интерес на безбедноста и одбраната на државата. Како таква врши важна функција. Затоа очекуваме властите да ги обезбедат неопходните услови за континуитет на нејзиното работење“,
одговорија од Делегацијата на Европската Унија на прашањата на „360 степени“.
Инаку, како што веќе објавивме, на 10 мај годинава, на 115. пленарна седница на Собранието, дојде предлог на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Игор Јанушев, и на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, по скратена постапка да се донесат измени на Законот за ОТА. Тие предвидуваа мандатот на директорот да трае пет години или до изборот на нов директор (за да се обезбеди континуитет во функционирањето).
Потребата од носење на измените и дополнувањата по скратена постапка беа изгласани со двотретинско мнозинство – „за“ гласале 84 пратеници, „против“ биле двајца, а воздржани немало. Откако собранискиот спикер констатирал дека предлогот е усвоен, ги задолжил Комисијата за одбрана и безбедност, како матично тело, и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот во рамките на собраниската процедура.
Но, што се случило потоа, останува мистерија, бидејќи предложените измени не се вратени повторно на пленарна седница и не се изгласани.
Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.
Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.