„Со одлуката донесена денеска (6 септември 2023 година) вредноста на бодот се зголемува од 68,6 на 81 денар и таа ќе се применува од септемвриската плата, но ова покачување соодветствува на само 18 проценти и не ги задоволува објективните барања на вработените зад кои застана и ССНМ. Тие, потсетуваме, изнесуваа 30 проценти на досегашните примања“, велат од ССНМ

Вработените во МИА ќе добијат покачување на септемвриските плати од 18 отсто. Одлуката е донесена на седница на Владата на 29 август и во неа пишува: „Со оваа одлука се дава согласност на Одлуката за утврдување на висината на бодот за пресметување на платите на вработените во акционерското друштво ’Медиумска информативна агенција’ – Скопје, во државна сопственост бр. 02-476/2, донесена од Управниот одбор на Друштвото“.
Во одлуката на Владата се наведува дека таа ќе стапи на сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Одлуката во „Службен весник“ е објавена вчера.

Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) го поздравуваат „почетокот на решавање на проблемот на вработените во МИА“. Додаваат дека со одобрување ја дочекале одлуката на Владата за утврдување на висината на бодот за пресметување на платите на вработените во АД МИА, донесена од Управниот одбор на друштвото, но оценуваат дека ова е исполнување на само дел од барањата на вработените.
„Со одлуката донесена денеска (6 септември 2023 година) вредноста на бодот се зголемува од 68,6 на 81 денар и таа ќе се применува од септемвриската плата, но ова покачување соодветствува на само 18 проценти и не ги задоволува објективните барања на вработените зад кои застана и ССНМ. Тие, потсетуваме, изнесуваа 30 проценти на досегашните примања“,
пишува во соопштението од ССНМ.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека со ова покачување само делумно се анулира повеќегодишниот застој во зголемувањето на платите во МИА, и дека тие во просек и натаму се далеку од просекот на државно ниво.
Затоа, како што додаваат оттаму, ССНМ и натаму безрезервно ќе ги поддржува вработените до целосно исполнување нивните барања од летово, кои беа артикулирани и со повеќедневни протести кои не го попречија работењето на Медиумската информативна агенција. Потсетуваме, се додава во соопштението, дека колегите бараат и изедначување според индексот на трошоците на живот и зголемување од 10 проценти на основната бруто плата според Општиот колективен договор.
Вработените во Медиумската информативна агенција – МИА изминатиот период излегуваа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите, велејќи дека четири години немаат нивелирање на примањата.
Менаџментот на МИА бараше покачувањето на бодот да биде 16,7 отсто, додека Синдикатот бараше зголемување за 30 проценти како што тоа е направено во Министерството за финансии, УЈП, Царината.
За ваквото барање, потсетуваат од Синдикатот, не се потребни дополнителни средства од државниот буџет бидејќи средствата се обезбедени во буџетот на МИА.
