Од Обвинителството апелираат на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице. Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние што имаат сознанија во врска со овој предмет да ги пријават на надлежните органи
Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејствија за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, информираат од Обвинителството.
„Во континуитет сe издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели. Во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал. Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Целата постапка од првиот момент се води максимално транспарентно и со почитување на сите законски процедури“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Оттаму додаваат дека соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени, а истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија.
„Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста“,
се наведува во соопштението.
Од Обвинителството апелираат на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице. Ширењето непроверени информации и нарушувањето на пресумпцијата на невиност може сериозно да наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат, децидни се обвинителите.
„Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена“,
додаваат од Јавното обвинителство.
Во врска со случувањата на Онкологија, за денеска е најавен протест, но имиња на организаторите не се наведени, а во делот како организатор на настанот е наведена фејсбук-страница со име „Протест против убиството на онкологија“ која на социјалните мрежи е активна од вчера. Почетокот е закажан во 18 часот пред Владата, од каде што се предвидува демонстрантите да се упатат кон Министерството за здравство.
Неделникот „Фокус“ минатиот период објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.
По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Како што соопштија, претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје, а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат.
Премиерот Димитар Ковачевски, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева изразија целосна поддршка за истрагата. Ковачевски повика да не се прави сензационализам и рече дека ваквиот криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја прозива Владата и вели дека ваквиот криминал не бил можен без знаење на власта и раководството на Клиниката.
*Поврзани вести:
- Спасовски за случајот „Онкологија“: За вакво злосторство нема толеранција, виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени
- Пендаровски: Згрозувачки се сомнежите за злоупотребите на Онкологија, крајно време е системот да се справи со криминалот
- ОЈО Скопје и полицијата ја „тресат“ Клиниката за онкологија: Се прибираат докази во рамки на предистражна постапка
- Обвинителство: Одземени се компјутери и друга документација од Клиниката за онкологија и приватни станови во Скопје
- Меџити очекува брза истрага по наводите за злоупотреби на Клиниката за онкологија
- Бесрамен и криминален начин на заработка врз грбот на пациентите, вели заменик-министерката Манолева за случајот со Онкологија
- Лекарската комора за Онкологија: Ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за лична корист
- ВМРО-ДПМНЕ: Бизнисот со лекови на Онкологија бил возможен само со знаење на високи структури во клиниката и во власта
- Ковачевски за Онкологија: Ваквиот тип на криминал е мултипартиски и мултиетнички