На тој начин изговорите веќе нема да бидат можни од ниту една страна, смета претседателот на Европскиот совет

Европската унија(ЕУ) мора да си постави временска рамка за новото проширување, бидејќи без тоа никогаш нема да биде подготвена за прием на нови членки, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на брифинг со новинари во Брисел.
Тој оценил дека одредувањето датум ќе ја поттикне ЕУ да се подготви, а на земјите од Западен Балкан ќе им даде конкретен рок за исполнување на нивните обврски.
„На тој начин изговорите веќе нема да бидат можни од ниту една страна. Едно е јасно, ако не си поставиме цел, никогаш нема да бидеме подготвени“,
рекол Мишел.
На оваа тема Мишел зборуваше и во понеделникот на Бледскиот стратешки форум во Словенија наведувајќи на 2030 година како одредница за проширувањето. До тогаш, рече тој, двете страни – ЕУ и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување на Европската Унија. За да биде посилна, побезбедна и помоќна, порача тој, ЕУ сега треба да се справи со предизвикот на проширувањето.
Ваквата изјава денеска ја коментираше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој рече дека го поздравува тоа што Европскиот совет сака конечно да се ангажира и да направи голем скок за да се случи проширувањето. Европската комисија (ЕК), рече тој, отсекогаш била подготвена да даде каков било предлог што ќе нè доведе до проширување во 2030 година.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, пак, денеска порача дека поставувањето на временска рамка може да ја мобилизира нашата енергијата и енергијата на земјите кандидатите за членство.
*Поврзани вести:
- (ВИДЕО) ЕУ мора да биде подготвена за ново проширување до 2030 година, порача Шарл Мишел од Блед
- (ВИДЕО) ЕУ може да се прошири и пред 2030 година, вели француската министерка за Европа
- По изјавата на Мишел за проширувањето на ЕУ до 2030 година, ЕК порача оти не е фокусирана на датумот, туку на заслугите
- Ковачевски за „Европа со повеќе брзини“: Оние што се побрзи во своите реформи, тие први ќе влезат во 2030 година во ЕУ
- Маричиќ: Говорот на Шарл Мишел е сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето
- ВМРО-ДПМНЕ: Изјавите на Макрон и Шарл Мишел се потврда дека нема гаранции за патот на Македонија кон ЕУ