Портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, одби да ја коментира изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, уште еднаш повторувајќи оти проширувањето на Унијата е процес заснован на заслуги, а дека кандидатите треба да влезат во ЕУ кога ќе бидат подготвени за тоа
Европската комисија (ЕК) не е фокусирана на датумот, туку на соработката со земјите кандидатки и подготовката за нивно членство во Унијата. Ова на денешната конференција за медиуми го изјави портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, која порача оти проширувањето на Европската Унија е политички приоритет на Комисијата, но дека тоа е процес кој е заснован на заслуги.
Нејзината изјава следува откако претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вчера од Бледскиот стратешки форум изјави дека Европската Унија мора да биде подготвена за ново проширување до 2030 година.
Портпаролката на ЕК одби да ја коментира изјавата на Мишел, уште еднаш повторувајќи оти проширувањето на Унијата е процес заснован на заслуги, а дека кандидатите треба да влезат во ЕУ кога за тоа ќе бидат подготвени.
„Можам да го истакнам нашиот став и нашата визија за проширување и како најдобро да се управува со процесот. За нас, суштината е дека проширувањето се заснова на заслуги и треба да остане засновано на заслуги“,
нагласи портпаролката на ЕК.
На прашањето дали мисли дека ЕУ е подготвена за проширување и дали треба да спроведе внатрешни реформи, Спинант изјави дека за проширувањето е потребно да се подготват и земјите кандидати и ЕУ.
„Би било несоодветно во оваа фаза да шпекулирам или повеќе да се занимавам со суштината на таквата подготовка од страна на ЕУ. Се очекува дебата за ова прашање на лидерската средба во Гренада на самитот што ќе го свика Шпанија како претседавач со ЕУ во наредните недели“,
додаде портпаролката на ЕК.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, пак, вчера од Блед изјави дека до 2030 година двете страни – ЕУ и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување на Европската Унија. Мишел порача дека за да биде посилна, побезбедна и помоќна, ЕУ сега треба да се справи со предизвикот на проширувањето.