Како што наведуваат од Министерството, нивната Комисија за надзор на функционалноста на АКМИС во првите шест месеци од годинава извршила надзор во четири основни судови во државата – во Берово, Крушево, Кратово и Куманово, а главните забелешки се однесуваат на нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување, како и изземање на судии од АКМИС, недоволен број судии во помалите судови, недоволен број информатичари, немање соодветен архивиски простор, нефункционалност на тонското снимање на рочиштата…
Ова е втор ден по ред откако Министерството за правда, преку писмени соопштенија, го прозива Судскиот совет, барајќи од него да постапува согласно законските надлежности. Вчера на релација Правда – Судски совет имаше неколку преписки, а тема беше мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје – в.д. претседателката на кумановскиот суд, судијката Снежана Манев, повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет
Повеќе пропусти констатирала Комисијата за надзор на функционалноста на Автоматскиот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) на Министерството за правда по извршениот надзор во неколку судови во државата, соопштија денеска од Министерството.
За пропустите оттаму го прозваа Судскиот совет, кој е надлежен за контрола и проверка на судовите. На ова сугерира насловот, како и првата реченица од соопштението на Правда:
„Пропусти на Судскиот совет, констатираше Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите“.
Како што наведуваат од Министерството, Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во првите шест месеци од годинава извршила надзор во четири основни судови во државата – во Берово, Крушево, Кратово и Куманово.
Состојбите, односно пропустите кои ги констатирала, од Правда ги сумираат во неколку точки, а главните забелешки се:
- Нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување како и изземање на судии од АКМИС;
- Недоволен број судии во помалите судови со основна надлежност;
- Недоволен број информатичари во судовите;
- Неконтинуирано архивирање предмети и немање соодветен архивски простор, се чуваат во подруми;
- Нераспишување огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од поранешни претседатели;
- Тонското снимање главно не функционира.
„Ова се само дел од забелешките на Комисијата за извршениот надзор во првите шест месеци од годинава. Министерството за правда и во наредниот период ќе остане да биде транспарентно и ќе ги објавува на својата веб-страница сите записници од извршените надзор во судовите“,
пишува во соопштението од Министерството за правда.
Во објавениот записник од надзорот во Основниот суд Куманово, кој бил извршен на 6 јуни, можат да се прочитаат повеќе забелешки за работата на судот и препораки кои ги дава Комисијата на Министерството за правда.
На почетокот на записникот се наведува дека надзорот почнал со интервју со претседателката на кумановскиот суд, Снежана Манев, а потоа се посочува дека во Судот, заедно со претседателката, има 18 судии, иако по систематизацијата се предвидени 34 судски места.
„Бројот на судии е значително намален што неминовно се одразува на ажурноста на судот“,
е наведено во записникот.
За кумановскиот суд се наведува дека е еден од ретките во државата кој има лифт и е пристапен за лица со попреченост, но има забелешка за чувањето на архивскиот материјал. Како што констатирала Комисијата, судската архива е сместена во подрумските простории и е проблем кој се провлекува со децинии во овој Суд.
Рачна, наместо распределба на предметите преку АКМИС во кумановскиот суд
Во врска со користењето на АКМИС, Комисијата утврдила дека тој не се користи согласно прописите и била констатирана рачна распределба на предметите.
„Претседателот на судот (Снежана Манев н.з.) ни достави фотокопија од одлуки за исклучување и повторно вклучување на судија од АКМИС. При разгледувањето на одлуките беше забележано дека во една одлука (одлуката е замаглена со црн флор, н.з.) се задолжува раководителот на одделението за информатика да го постави како ‘судија носител’ судијата (името е замаглено со црн флор, н.з.) бидејќи поседува безбедносен сертификат и предметот да биде распределен на именуваниот судија иако со проверка во листата на лица со безбедносен сертификат има уште двајца судии кои поседуваат ваков сертификат. На претседателот на судот му се укажа дека во овој случај направил рачна распределба на предмет, што е недозволива според обврската за случаен избор на судија“,
се наведува во записникот од надзорот на кумановскиот суд.
Иста ситуација била забележана и во друг предмет, а претседателката на Судот на ова дала забелешка дека во кривичното одделение двајца од тројца судии имале безбедносен сертификат и според годишниот распоред на судии не постапувале како судии на претходна постапка. Таа, според записникот, навела дека по укажувањето на надзорната комисија и по добивање безбедносен сертификат за уште еден судија, е покрената постапка за измена на годишниот распоред за работа, со што ќе се обезбедела автоматска распределба и на овој вид предмети.
Сепак, од Комисијата е наведена следната препорака до кумановскиот суд:
„Се задолжува претседателот на Судот целосно да ги почитува законските одредби за исклучување и вклучување на судии од АКМИС и изземањата да ги врши само врз основа на уредно доставено барање за изземање“.
Во останатите препораки од Основниот суд во Куманово се бара задолжително тонско снимање на расправите, расчистување на архивскиот простор, а втора година по ред се задолжуваат претседателите на судовите „да се погрижат за организирање обука пред сѐ на информатичарите преку Академијата за судии и јавни обвинители“. Една од препораките е и да се достави барање до Судскиот буџетски совет за одобрување средства за набавка на скенери.
Судот во Берово нема информатичар
Основниот суд во Берово, пак, како што се наведува во записникот од надзорот во овој суд, нема информатичар од јули 2021 година, а нема ниту службено возило. Зградата на Судот е стара и потребно ѝ е реновирање, а како архива се користи една од двете судници, која поради чести поплави е оштетена.
Освен што нема информатичар, во Судот не функционира тонското снимање на рочиштата, па во однос на овие состојби се движат и препораките на Комисијата на Министерството за правда.
Во однос на употребата на АКМИС, Комисијата била известена од в. д. претседателот на судот дека сите предмети се распредуваат преку овој систем и оти нема одлука за рачна распределба на предмети. Сепак, се нотира дека судот нема организирана и систематска обука на вработени за користење АКМИС.
Слични состојби се констатирани и во судовите во Крушево и во Кратово, особено во делот на обуките на вработените, пред сѐ, на информатичарите. Поголеми забелешки за архивирањето на предметите во овие два суда нема, иако за кратовскиот се нотира дека се чуваат во подрумски простории. Во однос на користењето на АКМИС, Комисијата била известена дека нема одлуки за рачна распределба на предметите и сите се распределуваат согласно автоматскиот систем. За разлика од беровскиот, во овие два суда има информатичари.
Преписки и затегнати односи на релација Лога – Судски совет
Инаку, ова е втор ден по ред откако Министерството за правда, преку писмени соопштенија, го прозива Судскиот совет, барајќи од него да постапува согласно законските надлежности.
Вчера на релација Правда – Судски совет имаше неколку преписки, а тема беше мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје – в.д. претседателката на кумановскиот суд, судијката Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет.
Исто така, не е првпат министерот за правда да реагира до Судскиот совет за судијката Снежана Манев во врска со употребата на АКМИС во кумановскиот суд.
Од Правда на 11 јули соопштија дека Судскиот совет со месеци одолговлекува и не презема мерки за санкционирање и одговорност за претседателката на Основниот суд Куманово за констатирани неправилности со АКМИС. Оттаму тогаш посочија дека министерот за правда Кренар Лога во неколку наврати испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање соодветни мерки или дејствија во однос на констатираните наводи, објавени во извештај уште на 1 февруари годинава.
Лога, како што информираа тогаш од неговиот кабинет, првиот допис го испратил на 11 април, а потоа испратил ургенција на 22 јуни бидејќи, освен куси преписки, од Судскиот совет не добил конкретни одговори.
Од Судскиот совет тогаш одговорија дека АКМИС е во надлежност на ресорното Министерство за правда кое врши редовни и вонредни контроли на судовите и доколку се констатирани одредени отстапувања и неправилности, Министерството може да изготви извештај и да иницира соодветна постапка.