Од Министерството за правда прашуваат „со кој кредибилитет и интегритет се дозволува повторно полагање, кога еден од условите за влез во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители е положен тест за интегритет и психолошки тест, кој е елиминаторен“
Никој не побара од вас да спроевдете психолошки тест и тест за интегритет, туку да постапувате законски за неположен тест. Не би сакале да се сомневаме во вашето постапување, дозволувајќу му на судија кој треба да решава за судбини на граѓани, а не е способен да го положи психолошкиот тест и тест за интегритет, да биде судија, а најмалку тој да раководи со позицијата претседател на суд, реагираат од Министерството за правда по соопштението на Судскиот совет дека се зачудени од барањата на министерот за правда Кренар Лога во врска со претседателката на кумановскиот суд Снежана Манев.
„Министерството за правда изненадено прашува од кои причини по јавно усвоен извештај од ваша страна на 13.03.2023 година, место да преземате соодветни мерки, Вие после толку месеци правите дополнителен извештај (23.06.2023) каде самите се демантирате со првиот извештај воведувајќи нова пракса, за во иднина, носители на функции ( претседател на суд) да постапуваат несоодветно и спротивно на законот и етичкиот кодекс и да имаат можност да ‘поправат’. Почитувани членови на Судски совет, со оваа воведена пракса од усвоен извештај, наместо да казнувате според веќе констатираните состојби, вие со дополнителен извештај после шест месеци, несовесно работење на носител на функција (претседател на суд) оставате простор и можност да се врши секаков вид на влијание, притисок и мобинг дозволувајќи да се менуваат веќе дадените искази/факти“,
се наведува во реакцијата на Министерството за правда.
Оттаму прашуваат „со кој кредибилитет и интегритет се дозволува повторно полагање, кога еден од условите за влез во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители е положен тест за интегритет и психолошки тест, кој е елиминаторен“.
Судскиот совет денеска преку писмено соопштение упати реакција до министерот за правда Кренар Лога, кој информира дека испратил писмен допис до Советот во врска со мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје, судијката Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет.
„Судскиот совет реагира на изјавата на министерот за правда Кренар Лога во врска со кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово, Снежана Манева дека ‘судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, не може веднаш повторно да полага’. Советот ја информира јавноста дека на 13.07.2023 година доби допис од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, со кој ова тело се известува дека споменатата кандидатка на 04.07.2023 година не била во можност до крај самостојно да го пополнува психолошкиот тест на личност и тестот за интегритет. Од тие причини стручните лица од Институтот препорачуваат канидидатката ‘повторно да го пополни тестирањето целосно самостојно во времетраење од два часа на 14.07. во 11 часот’“,
се наведува во реакцијата на Судскиот совет.
Расправајќи во врска со дописот, Судскиот совет на работен состанок оценил дека ова прашање е во надлежност на Институтот и оти смета дека оттаму до Советот е потребно да достават известување за исходот од целокупната постапка по спроведениот психолошки тест на личност и тест на интегритет.
За ваквиот став Судскиот совет на 13 јули со допис го известил Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Поради тоа, од Судскиот совет велат дека се зачудени од барањето на министерот за правда Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на Институтот за судијката Манев повторно да има право да полага.
„Судскиот совет ниту дал одобрение да се спроведе повторен тест ниту, пак, има официјална информација дали кандидатката повторно полагала, бидејќи тоа не е негова надлежност“,
реагираа од Судскиот совет.
Лога претходно преку соопштение денеска побара од Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на стручните лица, посочувајќи дека со тоа што на лице кое еднаш веќе не го положило тестот му се дава можност повторно да го полага, се создава нова незаконска пракса.
