Ова е дел од обраќањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Бледскиот стратешки форум што вчера и денеска се одржува во Словенија. Османи ова го изјави говорејќи за т.н. француски предлог, велејќи дека тој се заснова на некои принципи
Големо „не“ за историски толкувања во патоказите, кластерите и поглавјата од преговарачкиот процес, но едно големо „да“ за правата на заедниците и на малцинствата без разлика на нивната големина.
Ова е дел од обраќањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Бледскиот стратешки форум што вчера и денеска се одржува во Словенија. Османи ова го изјави говорејќи за т.н. француски предлог, што доведе до договор со Бугарија минатата година. Овој предлог, додаде Османи, се заснова на некои принципи.
„Принципот дека македонскиот јазик ќе биде во Преговарачка рамка без никакви дополнувања и ќе биде официјален јазик на Европската Унија откако ќе станеме членка на ЕУ. Големо ‘не’ за воведување историски толкувања во патоказите, кластерите, поглавјата, одредниците на преговарачкиот процес. Големо ‘не’ за секоја дебата за идентитетот. Но, едно големо ‘да’ за правата на заедниците, за правата на малцинствата без разлика на нивната големина, бидејќи ова е нашиот белег – Северна Македонија е позната по својата функционална мултиетничка демократија“,
изјави Османи од Бледскиот стратешки форум.
Значи, заклучи Османи, „да“ за уставните измени и за воведување на најширок пакет привилегии за сите заедници, вклучително и за бугарската, која врз основа на последниот попис бори околу 3 500 лица.
„Ова е принципот на кој се засноваме. Понекогаш кога имаме различни толкувања меѓу нас и Софија, велиме: ‘Да ги повикаме Париз и Александар Адам да ни објаснат, затоа што тоа се главните принципи. Добро е што Александар Адам е со нас овде, бидејќи тој е еден од архитектите на таканаречениот француски предлог“,
додаде Османи.
На Бледскиот стратешки форум вчера обраќање имаше и премиерот Димитар Ковачевски. Порача дека С Македонија покажала дека може да носи тешки и храбри одлуки, а оти по секоја од нив земјава излегувала посилна. Кажа дека од старите земји кандидатки, нашата држава е најдобра во многу аспекти, а оттука додаде дека нашето членство во Европската Унија до 2030 година е остварлива цел.