Најдобри сме во многу аспекти во смисла на имлементирање на европското законодавство, микрофинансиската стабилност, тоа е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 година е остварлива како цел, рече Ковачевски на лидерскиот панел „Солидарност за глобална безбедност“
Верувам дека ЕУ ќе вложи напори проширувањето во 2030 година да биде реалност и дека ќе дадеме сè за да се реформира македонското општество по европски стандарди, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот лидерски панел, насловен како „Солидарност за глобална безбедност“ кој се одржува во рамките на Бледскиот стратешки форум во Словенија.
„Уверен сум дека Северна Македонија покажа оти може да носи тешки и храбри одлуки и по секоја од нив излеговме како посилна земја и токму затоа во овој момент би рекол дека, во старата смисла, од старите земји кандидатки, најдобри сме во многу аспекти во смисла на имлементирање на европското законодавство, микрофинансиската стабилност, тоа е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 година е остварлива како цел“,
рече Ковачевски.
Ковачевски, анализирајќи го периодот од 2003 година кога државата по првпат беше ставена на агендата за проширување на ЕУ, но и осврнувајќи се на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, рече дека граѓаните на Северна Македонија се оптимисти веќе 20 години.
„И после две децении, дури 80 отсто од граѓаните на Северна Македонија се за членство на земјата во ЕУ“,
рече Ковачевски.
На панелот, тој истакна дека очекува принципите на проширувањето на ЕУ да се темелат на вредностите на Унијата како и политичка и економска соработка меѓу земјите, а не да се користи домашната политика на меѓународната сцена.
„Овие блокади доаѓаат од земји членки на ЕУ во бранови коишто се користат главно за нивната домашна политика, а не за меѓународната сцена. Токму затоа, охрабрен сум од ваква јавна изјава која за првпат ја даде претседателот Мишел, дека ЕУ треба и ќе ја валидира својата добронамерност и волја за проширување. Зошто? Затоа што сега зборуваме за проширување не само во ЕУ, туку ова е клучниот збор и во НАТО. Знаете дека ние бевме најмлада членка на НАТО, веќе не сме, сега е Финска. Ако повлечам паралела колку сме добри како земји, тогаш како членки на НАТО докажавме дека сме добри партнери. Се покажавме како многу активни партнери во НАТО и досега не гледам проблеми во рамки на функционирањето на НАТО каде Албанија, Северна Македонија и Црна Гора се земји членки“,
рече Ковачевски.
Според Ковачевски, земјите кандидатки се тесно економски поврзани со земјите членки на ЕУ, истакна дека напредокот во државите од регионот е членството во Унијата.
„Членството во ЕУ ни е единствената алтернатива затоа што економиите се поврзани. Имав можност да ги видам моите Македонци кои живеат и работат во Копер, но исто така забележав кога одите долж ривиерата, како да се наоѓате во БиХ. Затоа што сите келнери доаѓаат од БиХ. Зошто? За повисоки плати. И кога ги прашувам како ви е, тогаш велат, не може полошо затоа што работиме на 50 степени на сонце, на терасите. Се видов со неколку македонски студенти кои работат во кафетериите, знаете што ми кажаа, – ‘Ве молиме направете сè да ја внесете нашата земја во ЕУ, сакаме да се вратиме дома и да работиме во земја на ЕУ, но дома, не овде, во Словенија’“,
додаде Ковачевски.
На лидерскиот панел во Блед, Словенија, покрај премиерот Ковачевски учествуваа премиерите – на Албанија, Еди Рама; на Србија, Ана Брнабиќ; на Хрватска, Андреј Пленковиќ; на Бугарија, Николај Денков; на Косово, Албин Курти; на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.