Во делот каде што се објаснуваат причините поради кои Судот ја поведува постапката, наведено е дека при пречекот на косовскиот премиер, од Општината не постапиле согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија
Во објава на Фејсбук, тетовскиот градоначалник Билал Касами ова го оцени како „уште еден обид за заплашување и молчење“
Градоначалникот на Општина Тетово и лидер на Беса, Билал Касами, вечерва на својот профил на Фејсбук објави дека до Општината стигнала покана од Основниот суд во Тетово за присуство на рочиште поради сторен прекршок при пречекот на косовскиот премиер Албин Курти на 11 август годинава.

Во делот каде што се објаснуваат причините поради кои Судот во Тетово ја поведува постапката, наведено е дека при пречекот на косовскиот премиер, од Општината не постапиле согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија, односно не ја интонирале државната химна и не го истакнале националното знаме на државата.

„На ден 11.08.2023 година на градскиот плоштад при организираниот дочек на странска делегација и претставници на Владата на Косово предводена од Албин Курти при самото доаѓање на градскиот плоштад на поставена бина беше интонирана химната на Албанија при што не беше интонирана химната на РС Македонија. Воедно на бината каде што се одвиваше манифестацијата истакнати се знамиња на Р Косово и Р Албанија, без притоа да се истакне државното знаме на РС Македонија“,
се вели во образложението на Судот во Тетово што го објави Касами на својот фејсбук-профил.

Покрај фотографиите од поканата за судското рочиште, Касами во објавата на Фејсбук ова го оцени како „уште еден обид за заплашување и молчење“ – нешто што, како што вели, прави да разбере „колку се плашат од албанската опозиција“.
„Со овие дела ни ја зголемувате храброста. Повторувам, времето на заплашување и уцена на Албанците е мртво, како што умира и вашиот режим. Тоа го должиме само на граѓаните и на овој народ, бидејќи за вакви режими не се плашевме ниту во комунистичката ера ниту сега. Вашето време истече“,
пишува Касами на Фејсбук.
Градоначалникот на Тетово претходно доби две прекршочни пријави поради непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово на 11 август. Поради истите причини, прекршочни доби и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Ганиу оцени дека пријавите се резултат на политичко влијание, а Касами порача дека ваквите обиди за замолчување не може да ги исплашат.
Неофицијалната посета на косовскиот премиер се одржа на 11 август.
Во Општина Чаир, Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“.