Прашан за веродостојноста на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој пред два дена сподели дека македонскиот премиер многу силно реагирал на Курти „за она што го правеше во Тетово“ што изненадило многумина од присутните, Ковачевски денеска пред новинарите рече дека станувало збор за многу нормална дискусија на премиер на земја членка на НАТО со премиери на соседни држави „со кои можам да кажам дека имаме одлични врски и кадешто динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на интеграција во ЕУ“
Новинарите денеска имаа можност директно да го прашаат, а премиерот Димитар Ковачевски самиот да одговори дали е точно дека остро реагирал кон косовскиот колега Албин Курти на неформалната вечера по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун од Самитот ЕУ – Западен Балкан што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја организираше во понеделникот во Атина.

Одговорот на Ковачевски, освен во мали нијанси, не се разликува многу од оној што редакцијата на „360 степени“ го доби од Владата во вторникот, откако српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција во Атина, меѓудругото сподели дека македонскиот премиер многу силно реагирал на Курти „за она што го правеше во Тетово“ што изненадило многумина од присутните.
Ковачевски денеска откако првин се осврна на поводот поради кој била организирана неформалната вечера во Атина, рече дека на неа се разговарало за продолжувањерто на евроинтеграциите и за поддршката што секоја од земјите и ја дава на Украина во нејзината оправдана борба за слобода, суверенитет и право на самоопределување.
„Секако дека се разговараше и за регионалната динамика кадешто јас изразив многу јасен став дека добрососедските односи се основа за градење на економските и било кои други врски меѓу државите од регионот и дека добрососедските односи се основа за понатамошно интегрирање на регионот во ЕУ. Дополнително што се потврдило во минатото дека Северна Македонија секогаш се придржувала кон исклучително високо ниво на почитување на своите соседи и истото тоа го очекуваме од сите наши соседи“,
рече Ковачевски кој денеска беше во Пробиштип на отворање на детска градинка.
Како што посочи тој, станува збор за многу нормална дискусија на премиер на земја членка на НАТО со премиери на соседни држави „со кои можам да кажам дека имаме одлични врски и кадешто динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на интеграција во ЕУ“.
„Тоа го потврди и мојот разговор со претседателот на Србија посебно неговата изјава, меѓутоа во изминатите денови можевте да бидете сведоци и на косовскиот премиер кој кажа дека исклучително ја цени и почитува Северна Македонија и се она што е значајно за нашите добрососедски односи“,
рече Ковачевски.
Српскиот претседател во вторникот во Атина кажа дека македонскиот премиер Ковачевски многу силно, јавно и отворено реагирал кон својот косовски колега што изненадило многумина.
По ова тој се надоврза со порака до српските функционери да внимаваат кога кажуваат нешто што би можело да биде искористено од страна на некои, алудирајќи на изјавата на српскиот министер за одбрана и претседател на Српската напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ, кој во изјава за ТВ Пинк рече дека признавањето на Косово ќе им се удри од глава на С Македонија и на Црна Гора.
„Беше интересно да се слушаат луѓето. Видов дека Димитар Ковачевски многу силно реагираше против Албин Курти за она што го правеше во Тетово и тоа многу силно, јавно, отворено. И тука сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти итн. Затоа и синоќа долго разговарав со Ковачевски и му реков – ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено и поради што било што некој го кажал, иако јас сметам дека за тоа не постојат причини, нема проблем – јас се извинувам, Македонците се наши браќа и немаме никакво проблем со нив. Но, тој (Ковачевски н.з.), навистина, многу остро говореше против Курти пред сите што изненади многумина“,
рече српскиот претседател на прес-конференцијата во Атина во вторникот.
Настанот за кој зборува Вучиќ и за кој, според него, реагирал македонскиот премиер, се однесува на неофицијалната посета на косовскиот премиер на Скопје и на Тетово пред десетина дена. Во Општина Чаир, Албин Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееше знаме со картата на т.н. „голема Албанија“.
Во Тетово Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово. Поради иконографијата од пречекот на Курти, министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави против градоначалниците на Општина Чаир и на Општина Тетово, Висар Ганиу и Билал Касами.
