Од „Илинденска“ број 2 во одговорот на нашите прашања велат дека предмет на дискусија на вчерашната неформална вечера, која ја организираше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, бил натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и стратегиската важност на регионот за Европската Унија
Српскиот претседател денеска на прес-конференција во Атина, пренесувајќи дел од атмосферата од вчерашниот неформален состанок по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун од Самитот ЕУ – Западен Балкан, рече дека Ковачевски многу силно реагирал на Албин Курти „за она што го правеше во Тетово“ што изненадило многумина од присутните
Од Владата ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат денешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, во која го спомена македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Имено, пренесувајќи дел од атмосферата од вчерашниот неформален состанок по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун од Самитот ЕУ – Западен Балкан, Вучиќ денеска на прес-конференција во Атина рече дека Ковачевски многу силно реагирал на Албин Курти „за она што го правеше во Тетово“.
Во врска со наводите на Вучиќ за реакција на македонскиот премиер кон неговиот косовски колега, редакцијата на „360 степени“ побара информација од Владата. Прашањето што го испративме се однесува на тоа дали се точни информациите/тврдењата изнесени од српскиот претседател.
„Во однос на вашите прашања, ве информираме дека Владата на Република Северна Македонија се залага за градење добрососедски односи со сите свои соседи. Заемното почитување и добрососедските односи се предуслов за стабилен регион и во крајна линија се основа која обезбедува економски развој и подобри услови за живот за сите граѓани од сите земји од Западен Балкан. Оттука, стабилноста на регионот и зацртаната цел евроинтеграцијата остануваат на врвот на нашите приоритети“,
се вели во условно кажано првиот дел од одговорот од Владата.
Во вториот дел, од „Илинденска“ број 2 велат дека предмет на дискусија на вчерашната неформална вечера, која ја организираше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис било дискутирано за натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и стратегиска важност на регионот за Европската Унија.
„Воедно ве информираме дека предмет на дискусија на вчерашната неформална вечера на која присуствуваше и премиерот Ковачевски беше натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан како и стратешката важност на регионот за Европската Унија, но и стабилноста, просперитетот и интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Во таа насока, посочуваме дека лидерите присутни на вечерата беа согласни дека Земјите од Западен Балкан се фокусирани кон европската иднина имајќи ги предвид геополитичките превирања на европскиот континент“,
велат во Владата во одговорот на нашите прашања.
Српскиот претседател денеска во Атина кажа дека македонскиот премиер Ковачевски многу силно, јавно и отворено реагирал кон својот косовски колега што изненадило многумина.
По ова тој се надоврза со порака до српските функционери да внимаваат кога кажуваат нешто што би можело да биде искористено од страна на некои, алудирајќи на изјавата на српскиот министер за одбрана и претседател на Српската напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ, кој во изјава за ТВ Пинк рече дека признавањето на Косово ќе им се удри од глава на С Македонија и на Црна Гора.
„Беше интересно да се слушаат луѓето. Видов дека Димитар Ковачевски многу силно реагираше против Албин Курти за она што го правеше во Тетово и тоа многу силно, јавно, отворено. И тука сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти итн. Затоа и синоќа долго разговарав со Ковачевски и му реков – ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено и поради што било што некој го кажал, иако јас сметам дека за тоа не постојат причини, нема проблем – јас се извинувам, Македонците се наши браќа и немаме никакво проблем со нив. Но, тој (Ковачевски н.з.), навистина, многу остро говореше против Курти пред сите што изненади многумина“,
рече српскиот претседател на денешната прес-конференција во Атина.
Настанот за кој зборува Вучиќ и за кој, според него, реагирал македонскиот премиер, се однесува на неофицијалната посета на косовскиот премиер на Скопје и на Тетово пред десетина дена. Во Општина Чаир, Албин Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееше знаме со картата на т.н. „голема Албанија“.
Во Тетово Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово. Поради иконографијата од пречекот на Курти, министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави против градоначалниците на Општина Чаир и на Општина Тетово, Висар Ганиу и Билал Касами.