„Беше интересно да се слушаат луѓето. Видов дека Димитар Ковачевски многу силно реагираше против Албин Курти за она што го правеше во Тетово и тоа многу силно, јавно, отворено. И тука сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера да бидат повнимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти“, изјави српскиот претседател на денешната прес-конференција во Атина
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на прес-конференција во Атина повторно се осврна на изјавата на министерот за одбрана на Србија и претседател на СНС, Милош Вучевиќ, и ги повика српските функционери да бидат повнимателни за да не кажат нешто што, како што рече, би можело да биде искористено од страна на некои.
Повикот на Вучиќ е надоврзување на тврдењето што го изнесе претходно, а во кое го спомнува македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Вучиќ изјави дека македонскиот премиер на состанокот во Атина по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун од Самитот ЕУ – Западен Балкан, наводно, многу силно реагирал на Албин Курти „за она што го правеше во Тетово“.
„Беше интересно да се слушаат луѓето. Видов дека Димитар Ковачевски многу силно реагираше против Албин Курти за она што го правеше во Тетово и тоа многу силно, јавно, отворено. И тука сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти итн. Затоа и синоќа долго разговарав со Ковачевски и му реков – ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено и поради што било што некој го кажал, иако јас сметам дека за тоа не постојат причини, нема проблем – јас се извинувам, Македонците се наши браќа и немаме никакво проблем со нив. Но, тој (Ковачевски н.з.), навистина, многу остро говореше против Курти пред сите што изненади многумина“,
изјави денеска Вучиќ, пренесува РТС.
Во продолжение можете да го погледнете видеото од прес-конференцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ. Делот каде што зборува за С Македонија е од петта минута и 18 секунди до шеста минута и 16 секунди.
Настанот за кој зборува Вучиќ и за кој, според него, реагирал македонскиот премиер, се однесува на неофицијалната посета на косовскиот премиер на Скопје и на Тетово пред десетина дена. Во Општина Чаир Албин Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееше знаме со картата на т.н. „голема Албанија“.
Во Тетово Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово. Поради иконографијата од пречекот на Курти, министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави против градоначалниците на Општина Чаир и на Општина Тетово, Висар Ганиу и Билал Касами.
Во врска со наводите на Вучиќ за реакција на македонскиот премиер кон неговиот косовски колега, редакцијата на „360 степени“ побара информација од Владата. Прашањето што го испративме се однесува на тоа дали се точни информациите/тврдењата изнесени од српскиот претседател.
До објавувањето на овој текст од Владата не одговорија на нашите прашања.
Што се однесува до повикот на Вучиќ со кој бара поголема внимателност од српските функционери, тој се однесува на изјавата на министерот за одбрана Милош Вучевиќ. Во гостување на ТВ Пинк тој рече дека Црна Гора и Северна Македонија ја навредиле Србија со признавањето на независноста на Косово и дека тоа претставувало мешање во внатрешните работи на една земја.
„Направивте грешка и ќе ви се удри од глава, како што во Украина им се удира во глава на сите кои го промовираа Косово и Метохија како независна држава. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не ви веруваат во тоа“,
изјави Вучевиќ на ТВ Пинк, додавајќи дека постои голема меѓународна поддршка за создавање „голема Албанија“ и дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.
По ваквите ставови на српскиот министер за одбрана, со реакција се јави македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Тој на Фејсбук порача дека Северна Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционери од соседството. Тој наведе и оти очекува појаснување за изнесените ставовите од српскиот министер за одбрана.