На сцената на МНТ и воопшто во театарот, телевизијата и филмот кај нас остана огромна празнина која Ендровски ја исполнуваше со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, и умешноста и огромна експлозија на енергија која ја пренесуваше од сцената кон публиката, се наведува во соопштението на МНТ

Актерот Владимир Ендровски-Љац почина денеска на 60-годишна возраст, соопшти НУ Македонски народен театар.
„Замина нашиот колега Владимир, нашиот пријател Љац, ненадминливиот актер и препознатлив лик на театарската сцена и телевизискиот/филмски екран – единствениот Владимир Ендровски. На сцената на МНТ и воопшто во театарот, телевизијата и филмот кај нас остана огромна празнина која Ендровски ја исполнуваше со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, и умешноста и огромна експлозија на енергија која ја пренесуваше од сцената кон публиката“,
се наведува во соопштението на МНТ.
Ендровски, кој на сцената на МНТ ги оживеа и ги направи незаборавни многу претстави, ќе остане најпрепознатлив по неговите ТВ-ликови како: Дино во серијата „Трст виа Скопје“ (1990), за која ја има добиено и награда на ревијата „Екран“ за најдобро филмско актерско остварување, Трајче во „Пред дождот“ (1994), Доре во „Преку езерото“ (1997), Безимениот во „Збогум на 20-тиот век“ (1998), Андарт во „Прашина“ (2001), Стипе Прикачин во „Бал-кан-кан“ (2005), Затвореникот Варден во „Контакт“ (2005), Коки Лабуд во „Некои поинакви приказни, сегмент: Македонска приказна“ (2010) и многу други.
На социјалните мрежи, колегите и пријателите на Љац веќе се простуваат од него, од како што повеќето пишуваат, „бунтовниот Дино“.
За времето и датумот на погребот дополнително ќе биде објавено.