Љупа Ангелов алијас Лепи Џони е првиот македонски музичар што направи концерт на отворено откако почна кризната со коронавирусот во земјава.
Соло-концертот се одржа попладнево на покривот на Домот на градежни работници, а е во рамките на проектот „Култура во време на корона“.
Некогашниот фронтмен на скопскиот бенд „Д Џон“ преку едночасовен музички перформанс ги забавуваше жителите на Скопје кои живеат во Градски ѕид во околината на Домот на градежни работници. Концертот одеше и во живо на Фејсбук страницата на Град Скопје и нивниот канал на Јутјуб.
Идејата за акцијата и концертите на отворено во време на корона-криза, како што велат од Град Скопје, е со цел да се поддржат уметниците што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, а преку овие ангажмани да добијат хонорар од 14 500 денари.
Сите музички артисти може да се пријават за користење на оваа мерка, а повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.
Како што информираа од Град Скопје досега пристигнале 100 апликации.
Концертот на Лепи Џони може да го погледнете тука: