Во координација со противпожарните служби, останатите служби на терен и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување успешно беше спречено ширење на пожарот кон населените места и бачилата кои ги делеа само неколку метри од линијата на пожарот, велат од МВР

Двата хеликоптери на Министерството за внатрешни работи (МВР), „ми-171“ и „бел 412“, кои учествуваа во локализирање на пожарот во кочанско, во повеќе наврати, исфрлиле 56 тони вода.
„Почнувајќи од 16 часот, хеликоптерот ‘ми-171’ од хеликоптерската единица за посебни намени во 15 наврати исфрли повеќе од 38 тони вода. Хеликоптерот ‘бел 412’ од хеликоптерската единица за полициски работи, пак, во 17 наврати исфрли 18 тони вода“,
информираат од МВР.
Хеликоптерите на МВР денеска учествуваа во локализирање на пожарот во реонот на Кочани, поточно во близина на селата Соколарци, Врбјани и Жиганци, во кој беше зафатена површина од околу 2 500 хектари, претежно нискостеблеста шума и ливади, во понискиот дел од теренот, а постоеше опасност од пожарот да бидат зафатени куќи и бачила, кои се наоѓаа во непосредна близина на линијата на пожарот.
„Во координација со противпожарните служби, останатите служби на терен и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување успешно беше спречено ширење на пожарот кон населените места и бачилата кои ги делеа само неколку метри од линијата на пожарот“,
велат од МВР.
Од Центарот за управување со кризи, вечерва, информираа дека опасноста селата Соколарци, Врбица и манастирот „Св. Ѓорѓи“ да бидат зафатени од пожар е елиминирана. Оттаму нагласија дека повеќето кракови од пожарот се изгаснати или локализирани, а само еден крак, во правец на месноста Буниш сѐ уште гори и тоа е претежно трева и нискостеблести растенија.
Во гаснењето на пожарот кај селото Соколарци учествуваа трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и хеликоптери на МВР, како и три екипи на територијалната противпожарна единица од Кочани, а повикани беа и екипи на доброволното противпожарно друштво од градот.