„По интензивни преговори, Бугарија и Грција постигнаа историски договор за враќање на посмртните останки на бугарскиот цар Самоил во татковината. Бугарската држава шест децении неуморно се залагаше да ги врати посмртните останки на еден од своите најголеми владетели. Нам ни припадна честа да го оствариме овој историски чин“, изјави денеска бугарскиот премиер Румен Радев
Музејот на византиската култура во Солун ќе биде местото на кое грчките власти в сабота, 3 октомври, на официјална Софија ќе ѝ ги предадат посмртните останки на Цар Самоил откриени за време на археолошките ископувања на базиликата „Свети Ахил“, лоцирана на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро.

Информацијата денеска ја објави бугарскиот премиер Румен Радев, кој изрази благодарност до својот грчки колега Киријакос Мицотакис за постигнатиот договор, нагласувајќи ја неговата важност за односите меѓу двете земји.
„По интензивни преговори, Бугарија и Грција постигнаа историски договор за враќање на посмртните останки на бугарскиот цар Самоил во татковината. Бугарската држава шест децении неуморно се залагаше да ги врати посмртните останки на еден од своите најголеми владетели. Нам ни припадна честа да го оствариме овој историски чин. Споменот на Самоил денеска ги обединува, а не ги разделува двата народа. Нашето заедничко членство на ЕУ ѝ помага на секоја земја подобро да ги разбере чувствителните прашања на другата“,
изјави бугарскиот премиер Румен Радев.
Додаде дека владата на Бугарија денеска ќе го одобри текстот на договорот и ќе го овласти министерот за култура да го потпише документот заедно со својот грчки колега. Откако ќе бидат пренесени во Софија со авион од типот „Спартан“, посмртните останки на Цар Самоил ќе бидат положени во посебен саркофаг во црквата „Света Софија“.
„Затоа, оваа сабота во 12:30 часот, на плоштадот ’Батенберг‘, пред Кнежевската палата во Софија, заедно да ги пречекаме останките и да му оддадеме почит на споменот на големиот бугарски владетел цар Самоил, а потоа со поворка да го испратиме до црквата ’Света Софија‘ на неговото последно патување“,
рече Радев и ги повика граѓаните на Бугарија да присуствуваат на настанот.
Од 2014 година, посмртните останки на Цар Самоил се чуваат во Музејот на византиската култура во Солун.
