Хеликоптерот на МВР сега се повлекува бидејќи паѓа мрак. Инаку повеќето кракови од пожарот се изгаснати или локализирани, а само еден крак, во правец на месноста Буниш сѐ уште гори и тоа се претежно трева и нискостеблести растенија, велат од ЦУК
Опасноста селата Соколарци, Врбица и манастирот „Св. Ѓорѓи“ да бидат зафатени од пожар е елиминирана, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„При денешната противпожарна акција, што сега привршува, е елиминирана опасноста по селата Соколарци, Врбица и манастирот во близина на селата. Хеликоптерот на МВР сега се повлекува бидејќи паѓа мрак. Инаку повеќето кракови од пожарот се изгаснати или локализирани, а само еден крак, во правец на месноста Буниш сѐ уште гори и тоа е претежно трева и нискостеблести растенија“,
се наведува во соопштението од ЦУК.
Од ЦУК велат дека променливиот ветер и по правец и по силина предизвикал пожарот кај селото Врбица да има повеќе краковии да ги разгорува различни страни.
„За делувањето се одлучуваше на самото место според развојот на ситуацијата. Се гаснеше прво со „ертракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување и со хеликоптерите на МВР, а и пожарникарите по земја интервенираа. Сѐ одеше од крак до крак и се гаснеше со мали мобилни тимови директно место по место“,
додаваат од ЦУК.
Стојан Ристов, жител на Врбица, во Општина Чешиново-Облешево вели дека селото било 100 отсто загрозено во денешниот пожар.
„Без авионите, хеликоптерите и пожарникарите селото ќе изгореше. А, во опасност беа и самите пожарникари“,
вели Ристов.





Во гаснењето на пожарот кај селото Соколарци учествуваа трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден хеликоптер на МВР, како и три екипи на територијалната противпожарна единица од Кочани, а повикани беа и екипи на доброволното противпожарно друштво од градот.