Генералниот секретар на НАТО смета дека членките на НАТО „треба сериозно да го сфатат секој обид за искористување на здравствената криза за пренесување лажни наративи, дезинформации и пропаганда“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска предупреди дека пандемијата на ковид-19 не смее да стане безбедносна криза.
Во интервју за бриселскиот портал „Еуроактив“, тој рече дека светот мора да се бори против вирусот , но во исто време мора да се обезбеди здравствената криза да не стане безбедносна.
„Ние мора да се бориме против ковид-19, но во исто време мора да се занимаваме и со други закани и предизвици со кои се соочуваме“,
истакнува Столтенберг и ја нагласува промената во глобалната рамнотежа со подемот на Кина и зголемените напори за влијание од Русија.
На прашањето дали тоа предизвикува загриженост во Алијансата, Столтенберг рече дека членките на НАТО „треба сериозно да го сфатат секој обид за искористување на здравствената криза за пренесување лажни наративи, дезинформации и пропаганда“.
Столтенберг, исто така, потенцира дека воените способности на НАТО се релевантни и во соочувањето со здравствената криза, поради што одбранбените средства можат да му обезбедат на цивилното општество поголема способност која може да се искористи „во криза како оваа“ во која, како што вели Столтенберг, „воениот персонал постојано им помага на здравствените работници на линијата на фронтот“.
„Отпорноста е основна задача за НАТО. Тоа всушност е нешто што е загарантирано во Договорот за основање на НАТО, кој наметнува одговорност да ги направиме нашите сојузници отпорни и на заканите по здравјето“,
истакнува Столтенберг за „Еурактив“.