Меџити 20 години беше лојален на ДУИ, беше нејзин потпретседател, а како кадар на ДУИ беше и градоначалник на скопската општина Чаир. За формирање нова партија не доби поддршка од Муса Џафери, Невзат Бејта и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кои претходно ја напуштија „огнената група“ сочинета од кадри незадовлни од ДУИ
Демократско движење е новата партија на македонската политичка сцена. Ја основа Изет Меџити од „огнената група“ сочинета од кадри незадовлни од ДУИ, а основачкото собрание се одржа денеска во Скопје.
Меџити 20 години беше лојален на ДУИ, беше нејзин потпретседател, а како кадар на ДУИ беше и градоначалник на скопската општина Чаир.
Сепак, претходно „огнената група“ ја напуштија Муса Џафери, Невзат Бејта и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кои не сметаа оти треба да се формира нова партија.
На денот на основањето на паријата, Меџити одговори и на новинарски прашања за случувањата со неофицијалната посета на косовскиот премиер Албин Курти, кој во петокот беше во Општина Чаир и во Тетово.
„Ако се водиме по тоа што секој поставува знамиња за Кутлеш, за ‘голема Албанија’, треба секој ден да затвораме луѓе. Мислам дека на таа посета треба да се гледа позитивно, Курти промовира заеднички проекти како патот Tетово-Призрен кој ќе ги зближи луѓето, ќе придонесе за економски развој, поголем туризам. Ќе ве замолам попозитивно да размислувате. Јас гледам дека по секоја цена сакате да најдете нешто. Тоа беше митинг. Секој ден ни се случува, јас гледам и карти од ‘голема Македонија’. Ние бевме и во Општина Тетово каде пред општинската зграда има и македонско и албанско и општинско знаме, ако сакаме да гледаме, да проблематизираме по секоја цена“,
изјави Меџити.
Меџити посочи дека примерот со преименувањето на чаирската улица „Втора македонска бригада“ во „Демачи“ не треба да биде проблем зашто, како што појасни, станувало збор за личност со европска вредност.
„Мислам дека помина времето кога Албанците се држеа под притисок и еве, примерот со Демачи е чиста глупост, бидејќи тој е европска вредност. За волја на вистината, јас каде што живев, улицата беше ‘7 Јули’ – Ден на српското востание, друга улица е ‘Кримска’, значи нема врска, ни со Албанците кои живеат таму ни со Македонија“,
подвлече тој.
Инаку, вчера свое основачко собрание одржа и Европска демократска партија чиј лидер е доскорешниот заменик-претседател на Движењето Беса, Аријанит Хоџа. Тој изјави дека со формирањето на партијата, во Македонија се отвора нова страница на политичко дејствување.