Владејачкиот СДСМ реагира на обвинувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека кривичната пријава за кочанскиот градоначалник Љупчо Папазов, за злоупотреба на службена положба и овластување, е партиски реваншизам
ДПМНЕ е криминална партија и тоа е докажано со правосилни судски пресуди. Затоа и не чуди што оваа партија брани лица осомничени за сторени кривични дела како што е последниот случај со нивниот градоначалник на Општина Кочани. Вака возвраќаат од владејачкоиот СДСМ на реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако МВР објави дека е поднесена кривична пријава против кочанскиот градоначалник поради злоупотреба на службената положба и овластување.
„ДПМНЕ раководена од Христијан Мицкоски е длабоко навлезена во режимската матрица, мисли дека нивните градоначалници можат да се однесуваат како локални шерифи како што тоа го правеа во време на режимот, па затоа со сите сили се обидуваат да го заштитат нивниот градоначалник кој е осомничен дека ја злоупотребил службената положба“,
велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да знаат дека „времето на локални шерифи заврши“. Посочуваат дека денеска секој граѓанин и секој функционер, без разлика на функцијата што ја извршува и без разлика на партиската припадност, одговара пред законите.
„Со денешните очајнички обиди за релативизирање на сомневање за сторено крвично дело, Мицкоски и ДПМНЕ само покажаа дека уште се на браникот на криминалот“,
соопшти партијата.
Инаку, градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, доби кривична пријава поради кршење на Законот за средно образование. Како што соопшти МВР, тој четири пати именувал ист директор на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани без тој да има положено испит за директор. Со ова градоначалникот му овозможил на лицето да се стекне со противправна имотна корист во вкупен паричен износ од околу 63 552 денари.
За кривичната пријава за Папазов реагираше ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека се работи за партиски реваншизам.
За случајот на Фејсбук реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Читам денес МВР на Спасовски и Ковачевски обелодениле ‘голем’ криминал. На градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов му поднеле кривична пријава зошто го именувал единствениот кандидат кој и се пријавил на огласот за директор на средното училиште. Значи не е тендер, не е договор во четири очи, туку одлука за именување на директор кој не бил по кејфот на власта. Патем да напоменам – нема кривична пријава за Мерко кој назначил за директор на училиште средношколка. Нормално нема кривична пријава зашто зелените од ДУИ ќе се налутат на СДСМ. Со ваква власт нема зима за криминалците. А Папазов е силен и добро знае дека колку тие посилно притискаат, толку пожестоко ќе бидат поразени. Е потоа ќе има вистинска одговорност за вистинските криминали“,
напиша Мицкоски.
