28-годишниот Ангелче Николов од Велес кој минатата година во декември, возејќи под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената, усмрти 11-годишно девојче на пешачки премин во Велес, по што избега, доби намалување на затворската казна од осумнаесет на осум години, потврдуваат за „360 степени“ од Основниот суд во Велес
Апелацискиот суд во Скопје ја преиначи првостепената пресуда од Основниот суд во Велес за случајот со прегазувањето и усмртување на малолетното девојче во центарот на Велес, кое се случи минатата година во декември. Казната за возачот Ангелче Николов од изречените 18, Апелација ја намали на осум години затвор. Казната за Николов е намалена за двете дела за кои тој се товареше – тешки дела против безбедноста на луѓето и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„Апелацискиот суд ја преиначи првостепената пресуда од Основниот суд во Велес од осумнаесет на осум години затвор. Што се однесува до поднесување на жалба, тоа законски е невозможно, што значи дека оваа одлука на Апелација е финална и правосилна“,
одговорија од велешкиот суд за „360 степени“.
Оваа одлука на Апелацискиот суд е финална, а Николов од притворското одделение, со денешната одлука, ќе биде упатен на издржување затворската казна. Покрај затворска казна, Николов доби и петгодишна забрана за управување на моторно возило, која ќе биде ефективна од денот на неговото излегување од затвор.
28-годишниот велешанец Ангелче Николов на 17 декември минатата година, возејќи под дејство на алкохол и со неприспособена брзина во строгиот центар на Велес, на улицата„Борис Трајковски“ прегази мајка и нејзината 11-годишна ќерка. Од силината на ударот, малолетното девојче било исфрлено речиси до следниот пешачки премин на улицата и починало, а возачот Николов воопшто не запрел, туку продолжил да вози со голема брзина. Неговиот „мерцедес“ полицијата брзо го пронајде, а Николов самиот се пријави два дена по сообраќајната несреќа.
За време на судењето, обвинителството побара максимална казна, а судијката Габриела Гајдова која го водеше процесот, појасни дека судот смета дека осудениот може да го повтори делото, поради што му ја продолжи мерката притвор сè до спроведување на казната затвор, во која му се засметува времето поминато во притвор.
Таа при изрекувањето на казната потенцира дека иако на првото рочиште Николов ја призна вината, во текот на целата истражна постапка не искажал вистинско каење и жалење за загубениот живот на 11 годишното девојче Магдалена.
„Признанието вина го зедовме како олеснителна околност, но како придонес за полесно завршување на постапката. Не го зеде како околност за позитивен став, односно судот не процени дека има искрено каење“,
рече тогаш судијката.