Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, утре ја започнува својата посета на Централна Азија во која е предвидено да ги посети Узбекистан и Казахстан. При посетите, тој ќе оствари средби со високи претставници на двете земји, а според најавите, фокусот на разговорите ќе биде насочен кон влијанието од воената агресија на Русија врз Украина, состојбата во Авганистан и проблемите со кои се соочуваат Узбекистан и Казахстан
Посетата на Централна Азија, министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, ќе ја започне утре во главниот град на Узбекистан, Ташкент, каде што е предвидено да оствари средби со претседателот Шавкат Мирзијоев, министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов, со кого ќе одржи заедничка прес-конференција, како и со претставници на канцеларијата на ОБСЕ во земјата. Покрај нив, Османи ќе се сретне и со Танзила Нарбаева, која претседава со Сенатот на Узбекистан, како и со претставници на граѓанското општество.
„Регионот на Ценатрална Азија претставува еден од приоритетите во работата на ОБСЕ, кој се соочува со постојани предизвици, сега засилени и со влијанието од воената агресија од Руската Федерација против Украина, како и од состојбата во Авганистан. Посетата на Централна Азија претставува реализирање на еден од приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, како и работата на сите теренски мисии на ОБСЕ и поддршка на нивната програмска и проектна соработка со земјите во ЦА“,
велат од МНР.
Од Узбекистан, Османи ќе продолжи во Казахстан, каде што ќе оствари средби со претседателот на земјата, Касим Јомарт Токајев, додека, пак, со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу, ќе имаат и заедничка прес-конференција. Османи во Астана ќе има средба и со претставници на граѓанските организации.