Наместо сега, премиерот Ковачевски требаше да побара консензус кога илјадници граѓани протестираа против условите кои тој ги прифати и кога ВМРО-ДПМНЕ нудеа рака за помош која константно беше одбивана од премиерот, стои во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ
Откако премиерот Ковачевски во интервју за МИА кажа дека сега е потребен национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека моментот на општ консензус бил минатата година, кога илјадници луѓе протестираа против францускиот предлог, но и кога од партијата била дадена рака за помош која премиерот константно арогантно ја одбивал. Заради тоа, постигнувањето на општ консензус е задоцнето, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ковачевски, Османи и Маричиќ преговорите ги водеа во стилот “Јас, тате и бате“, а од другата страна Бугарија го вклучи целиот свој дипломатски, институционален и експертски капацитет. И заради тврдоглавоста и кусогледоста на Ковачевски, денес Македонија треба да менува Устав под бугарски диктат и притоа нема никакви европски институционални гаранции дека Бугарија нема да поставува нови услови, нема да има промена на учебници и историски наративи, дека нема да има бесконечни преговори или однародување“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат и дека премиерот ги премолчил изјавите на бугарските државници од чествувањето на Илинденското востание, со кои претседателот Радев и премиерот Денков отворено и директно го негираа постоењето на македонски идентитет и историја, со што самиот Ковачевски покажал дека се согласува со нивните тези. Излез од моменталната ситуација, според ВМРО-ДПМНЕ, се само избори, а не општи консензуси.
Инаку, македонскиот премиер во интервјуто за МИА кажа дека опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација.
„Прво беше ‘асимилација и бугаризација’. Откако се виде дека нема ништо од тоа, сега е ‘бугарски диктат’. Сепак, водејќи се од државниот интерес, на лидерската средба ја понудив оваа опција како можност за опозицијата да ги поддржи уставните измени. Ако опозицијата изгласа уставни измени, ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори, и тоа е јасно. Пратениците сега имаат многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. Пратениците сега имаат, би рекол, најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот“,
рече Ковачевски.