СДСМ бара одговорност од ВМРО-ДПМНЕ за случајот што го води Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) а во кои се работи за средства во висина од 660 илјади евра кои исчезнале од касата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Случајот што го отвори ОЛАФ е за проект од 2015 година, за пари наменети за софтвер. Нотирани се низа неправилности, а на државата ОЛАФ ѝ препорачала да ги врати парите. Во периодот кога се случиле неправилностите, Владата е предводена од ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски, а меѓу неговите советници бил и денешниот шеф на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. ДПМНЕ и поединци од таа партија и таа влада, освен што краделе од граѓаните, за што има и правосилни судски пресуди, проневерувале пари и од европски фондови“,
пишува во соопштението од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до обвинителство доставило конкретен предмет за овој случај и се надева дека таа институција ќе постапи по него.
„Низ отворена судска постапка, виновниците треба да се лоцираат и санкционираат, а ДПМНЕ да ги врати проневерените пари. ДПМНЕ не е ништо освен криминална партија која дејствува на штета на граѓаните и на државата“,
се додава во дописот од СДСМ.