Арсовска ја коментираше и изјавата на Ковачевски дека ќе ја повика на состанок во Владата за да помогне бидејќи „градот на ништо не личел“, при што рече дека ако на премиерот му се чини дека е така, тогаш најзаслужни се советниците од неговиот СДСМ бидејќи се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и не сакаат да ѝ гласаат ниту еден проект. Таа рече и дека од друга страна не знае како Ковачевски би помогнал кога тој „не може ни себеси да си помогне“

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, смета дека е рано да размислува дали ќе се кандидира за втор мандат бидејќи има уште две години од актуелниот. Во овој период, како што рече во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5 ТВ, таа вели дека е фокусирана на реализација на проектите што ги вети во кампањата за локалните избори во 2021 година.
„Во овој момент сум фокусирана на тоа сите оние работи што ги ветив пред граѓаните да ги реализирам. Нема логика да се размислува две години однапред за нешто во кое треба да се посветите, тоа што сте го ветиле да го реализирате. Треба прво да им укажете на соодветно ниво успешност. Иако, морам да кажам дека без никаква поддршка од централна власт, со саботажи од опозицијата, со ова политикантство на нашите советници и на целата политичка сцена и овие непринципиелни коалиции на кои сме сведоци, јас сметам дека навистина сме можеби една од најдобрата градска администрација која има имплементирано најголем број проекти од програмата што е ветена пред граѓаните“,
рече Арсовска.
Во гостувањето на Канал 5 ТВ, таа ја коментираше и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе ја повика на состанок за да помогне бидејќи „градот на ништо не личел“. Арсовска вели дека ако на премиерот му се чини дека е така, тогаш најзаслужни се советниците од неговиот СДСМ бидејќи се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и не сакаат да ѝ гласаат ниту еден проект.
„Покана не сме добиле. Меѓутоа, малку небулотична е таа изјава од два аспекти. Првиот аспект, можеби ако му се чини на премиерот дека градот на ништо не личел најголем придонес во тоа имаат неговите советници во Градот кои се и официјално коалиција со ВМРО-ДПМНЕ со што не гласаат да се реализираат проектите што се во интерес на граѓаните. Доколку навистина би сакал да му помогне на градот, можеби едно од најдобрите решенија е да ги охрабри своите советници кои ги има во голем број во Град Скопје, да гласаат за овие проекти кои граѓаните ги бараат и се од програмата која е избрана од нашите граѓани на последните локални избори“,
рече градоначалничката.
Таа рече и дека од друга страна не знае како Ковачевски би помогнал кога тој „не може ни себеси да си помогне“.
„Да не звучи малициозно, некој што не може себеси да си помогне, не знам како би му помогнал на град Скопје. Ниеден капитален проект да немате … Не сакам да почнам да ги набројувам, од Клинички центар кој со децении се ветува никој не го реализира, автопатот Кичево-Охрид … Можеби и комично делува некој да каже дека нешто не е функционално, а да има директна придонес во неговата нефункционалност. Единствено нешто што можам да кажам, нека си апелира до сопствените советници да бидат конструктивни, да работат во интерес на граѓаните, да гласаат за паушалите кои ги земаат секој месец за проектите што треба да се реализираат од интерес на граѓаните за да може градот да биде онакво место за живеење какво што тој очекува да биде“,
порача градоначалничката.