Угинувањето на третиот коњ, како и на другите два е пријавено во Секторот за внатрешни работи Скопје при Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот
„Направена е обдукција и се чекаат официјални резултати“, изјавил в.д. директорот на скопската Зоолошка градина Зоран Попов за новинската агенција „Мета.мк“
Откако во саботата вработен во скопската Зоолошка градина пријави дека угинале два коња, вчера оттаму во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека угинал уште еден.
Информацијата за „360 степени“ ја потврдија од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека се преземаат мерки за расчистување случајот.
„Во врска со вашето барање, ве информираме дека вчера (30.07.2023) околу 12:10 часот вработен во Зоолошка градина Скопје пријавил во СВР Скопје дека угинал коњ. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
се наведува во информацијата од МВР.
За угинувањето на другите два коњи, пријавата во СВР Скопје стигнала ден претходно, односно во саботата на 29 јули.
Сомневањата, според она што било пријавено завчера во полиција, се дека дека животните биле отруени.
„Вработен во Зоолошката градина во Скопје на 29.07.2023 година во 15:40 часот пријавил во СВР Скопје дека угинале два коња за кои се сомнева дека биле отруени“,
беше наведено во информацијата од МВР.
Станува збор за три коњи донација од австриски национален парк, со потекло од Монголија, пишуваат медиумите.
„Направена е обдукција и се чекаат официјални резултати“,
изјавил в.д. директорот на скопската Зоолошка градина Зоран Попов за новинската агенција „Мета.мк“.
За сомнежите дека станува збор за намерно труење, за агенцијата посведочиле вработени во Зоолошката градина, кои рекле дека сè се случило премногу брзо. Во околината немало никаква друга храна, коњите не давале знаци на болест претходно, а во близина имало и угината птица.
Претходно, во Зоолошката градина во мај годинава угина жирафата Каспер. По анализите беше констатирано дена се работи за инфекција со салмонела. Оваа инфекција била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата.