„Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде што ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност. Ова попладнево го соопштија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи сѐ друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните“,
стои во краткото партиско соопштение.
Инаку, сите министри и други функционери на ДУИ во Владата денеска поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, но тие ќе важат од моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени. Веста ја соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од Тетово.
Од владејачкиот СДСМ сметаат дека со условените оставки што денеска ги поднесоа министрите на ДУИ, оваа партија покажала одговорност кон врвната стратешка цел – европската иднина на земјата и граѓаните.
Велат дека сега лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да донесе одлука, неговите пратеници да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат.