Во интервјуто за неделникот Фокус претседателот Пендаровски го изразува своето стравување од можноста Вашингтон да го преиспита стратешкото партнерство со Скопје доколку земјата отстапи од европскиот курс
Вели дека ВМРО ДПМНЕ пред странсите соговорници никогаш не кажала дека ќе ја менува преговарчката рамка, ниту дека таа претставува бугарски диктат
Според Пендаровски, без преговори со ЕУ, постои опасност Македонија пак да „забега“ во авторитарен режим
Шефот на државата е уверен дека веќе никој нема дилеми дека уставните измени се само техничко прашање, бидејќи вметнувањето на уште шест народи покрај седумте кои што се во Уставот, според него не претставува никаква суштинска промена. Тој смета дека е теоретски можно да се смени преговарачката рамка, но таков предлог никогаш не би прифатила Бугарија.
„Јас би сакал да видам преговарачка рамка што ВМРО ДПМНЕ ќе ја издејствува, но треба да биде фер и пред избори да кажат дека ако не успеат да ја подобрат, нема ни да се обидуваат да го променат Уставот, а не како сега што велат: прво, да дојдеме на власт, потоа ние ќе собереме две третини. Сите странски соговорници зборуваат дека во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ тие не велат дека ќе ја променат преговарачката рамка бидејќи знаат дека на претставниците од ЕУ не може да им го продаваат тие работи, туку им велат ‘ние со оваа структура на власт не сакаме да имаме ништо заедничко и кога ќе дојдат нови луѓе на власт тогаш ние ќе ја направиме таа промена’. И на ниеден европски гостин не му велат-ние под бугарски диктат не влегуваме, зошто тој со кој разговараат дал согласност за таа рамка, која е европска“,
вели Пендаровски.
Претседателот Пендаровски предупредува дека постои опасност да го изгубиме статусот на стратешки партнер на САД и дополнително да си ја загрозиме преспективата.
„Ние имаме договор за стратешко партнерство со САД од 2008 година, со која најголемата светска велесила „се спушта на нашето ниво“ затоа што има многу одредби кои предвидуваат соработка врз целосна рамноправни основи. Таму се вели дека стратешки интерес на САД е Македонија да биде стабилна мултиетничка демократија и да биде дел од евроатланската интерграција а ако ние таму не сме, тогаш го ставаме под прашање стратешкиот договор. Вашингтон би прашал: зошто би биле во стратешко партнерство со држава која решила да не стане членка на ЕУ?“,
посочува претседателот Пендаровски.

Освен тоа, тој изразува стравување дека без прегвори за интеграција во ЕУ, земјата повторно да можела да „забега“ во авторитарен режим, бидејќи ќе изостанува двојна проверка или супервизија од Европа во областа на правосудството, администрацијата и човековите права а тоа би довело до девијации во демократскиот развој и би завршило со воспоставување класичен режим.
„Ние до 2016 година бевме заробена држава. Ако следната година, при евентуална промена на власта продолжиме со реториката дека ни треба нова преговарачка рамка, не во ЕУ под бугарски диктат и слично, и ако тоа продолжи неколку години, ќе ги имаме сите предуслови повторно да влеземе во автократски режим, кој по дефиниција ќе се обидува да ги стави под своја контрола медиумите, бизнис-заедницата, правосудството“,
истакнува Пендаровски во интервјуто за неделникот Фокус.
