„Очекуваме уште неколкумина да бидат на таа листа. Веројатно сличен калибар како вториот што е ставен на листата. Да, бизнисмен, според некои најави, иако не ги знаеме, не ги кажуваат однапред имињата кои ќе бидат, меѓутоа профилот отприлика ни е даден со опис за тие двајца-тројца“, рече претседателот во интервјуто за ТВ Канал 5
По струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, на „црната листа“ на САД се очекува да се најдат уште неколкумина, веројатно од сличен калибар како вториот – бизнисмен. Ова во интервју за ТВ Канал 5 вечерва го кажа шефот на државата Стево Пендаровски, прашан за профилот на лицата кои потенцијално би се нашле на американската „црна листа“.

„Очекуваме во наредниот период уште неколкумина да бидат на таа листа. Не ги знаеме. Веројатно сличен калибар како вториот што е ставен на листата. Да, бизнисмен, според некои најави, иако не ги знаеме, не ги кажуваат однапред имињата кои ќе бидат, меѓутоа профилот отприлика ни е даден со опис за тие двајца-тројца. Да не шпекулирам, тоа е нивна суверена одлука кога ќе ја објават. Велат наскоро. А што е тоа наскоро, не знам“,
изјави Пендаровски за ТВ Канал 5.
Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев на 19 јули беше ставен на „црната листа“ на САД поради корупција.
Нарекувајќи го „корумпиран бизнисмен“, американските власти сметаат дека Камчев интензивно се занимава со корупција повеќе од една деценија, како и дека го искористил своето богатство и коруптивно влијание за да манипулира со судскиот систем во С Македонија, нагласувајќи го тоа што со неговото коруптивно однесување придонел за колапсот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Поради корупција, како Камчев, пред повеќе од еден месец на „црната листа“ заврши и градоначалникот на Струга од редовите на ДУИ, Рамиз Меркo. За него американските власти соопштија дека присвоил средства и се мешал во судските и во другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на довербата на јавноста во демократските институции и функционери на Северна Македонија.
