„Власта на СДС и ДУИ во континуитет ги лаже сите граѓани и купува специјален мир со секакви ветувања кои на крајот не се реализираат. Иако ветуваа дека покачувањето на платите на вработените во МИА е предвидено во финансискиот план за 2023 година, повторно ова остана уште едно празно ветување на власта“, велат од опозициската партија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека го поддржува предупредувачкиот протест на кој денеска излегоа вработените во Медиумската информативна агенција (МИА), со барање за зголемување на платите.

Од партијата, која поддршката ја изрази преку писмено соопштение, велат дека власта на СДСМ и ДУИ не ја почитува медиумската слобода и дека со денешниот предупредувачки протест на вработените во МИА, кој се случува првпат по 25 години, Владата покажала како ги третира медиумските работници.
„Го поддржуваме предупредувачкиот протест на Македонската информативна агенција која денес својот револт кон Владата го изрази на овој начин. Овој чин се случува за првпат после 25 години и го покажува начинот на кој Владата ги третира медиумските работници. Власта на СДС и ДУИ во континуитет ги лаже сите граѓани и купува специјален мир со секакви ветувања кои на крајот не се реализираат. Иако ветуваа дека покачувањето на платите на вработените во МИА е предвидено во финансискиот план за 2023 година, повторно ова остана уште едно празно ветување на власта“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека како политичка партија секогаш ќе се залагаат за задоволување на барањата на медиумските работници.
„Како политичка партија која ги почитува и вреднува медиумските работници и се залага за подобрување на нивните економски состојби кои ќе резултираат со достоинствена, професионална и слободна средина за работа, секогаш ќе се залагаме за задоволување на барањата на медиумските работници. Власта на СДС и ДУИ уште еднаш докажа дека не ја почитуваат медиумската слобода, потполната независност и овозможување на раст на платите во новинарството“,
велат од опозициската партија.
Вработените во МИА на денешниот предупредувачки протест рекоа дека четири години немаа нивелирање на примањата.
Со финансискиот план за работа на МИА за 2023 има предвидено средства за покачувања на платите, но вработените тврдат дека со месеци чекаат тоа да биде ставено на дневен ред на седница на Владата.
„Првпат од 25 години постоење на МИА, вработените се принудени преку протест да бараат остварување на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно колективниот договор и усогласување со трошоците на живот. МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада. Зголемувањето на платите во МИА е предвидено со финансискиот план за 2023 година, односно за тоа не се потребни дополнителни средства од буџетот. Основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социо-економска состојба на новинарите и медиумските работници“,
рече на денешниот протест Марина Илиевска, вработена во МИА и член на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Вработените на денешниот протест исто така алармираа дека поради потпросечните плати и поради неодобрување на вработувања агенцијата се соочува со одлив на кадар. Велат оти се надеваат дека ќе се надмине ситуацијата во нивна полза и дека нема да има потреба од порадикални чекори.
Од ССНМ, кои го поддржаа денешниот протест, посочија дека е потребено да се донесе и Закон за МИА, со што ќе се раскине „врската“ за финансирање на релација Влада – медиуми.
