Генералниот урбанистички план е Устав за градот од аспект на градење и урбанистичко планирање и новиот ГУП за Скопје треба да превенира немили настани да се случуваат во иднина, порача градоначалничката Данела Арсовска на одбележувањето 60 години од катастрофалниот земјотрес. Според неа, изминатите две децении не се почитувале во целост урбанистичките планови од аспект на тоа како треба да се гради и развива Скопје.
„Она што треба да го направиме во следниот период е поучени од претходните грешки, односно од грешките на минатото, да ги вклучиме сите релевантни експерти, сите засегнати страни, сите оние што можат да придонесат, новиот Генерален урбанистички план да овозможи во иднина градот Скопје да се развива не само рамномерно, туку исто така и хумано. Тоа е она на кое што треба да бидеме активно посветени. Сепак, се работи за практично Уставот на урбанистичкото планирање на градот Скопје и тој треба да биде, оној показател, онаа водилка, која што ќе превенира понатаму во иднина да се случат можеби вакви немили настани,“
рече Арсовска.
Во Скопје денеска со низа активности и на повеќе локации се одржуваат настани поврзани со годишнината од земјотресот.
Во Музејот на Град Скопје се одржа концерт, изложба и проекција на документарни филмови, а покрај Арсовска обраќање имаше и постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, кој рече дека Скопје е епицентар на солидарноста.
Во Музејот на современа уметност беше отворена дигиталната изложба на Државниот архив, „Подемот и падот на Скопје“.
Изложбата на Државниот архив, со преку 300 фотографии и документи видени низ објективот на Киро Горгиевски, тогашен хроничар и официјален фотограф во Градското собрание, дава жива слика за уништувањето, закрепнувањето и обновувањето на градот по земјотресот.

На отворањето на изложбата присуствуваше претседателот на државата Стево Пендаровски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која им додели благодарници на амбасадорите од земјите донатори за Скопје.
„Му подадоа рака врвни архитекти и градители со светско реноме. Го градеа, рамо до рамо, и домаќините и странците, кои во таа трагедија ни станаа пријатели засекогаш. На повикот на Обединетите нации се одзваа многубројни држави да ѝ помогнат или да го потврдат своето пријателство кон тогашната југословенска Република Македонија. И денес сме им благодарни. Никој не може и не треба да биде сам“,
рече министерката Костадиновска-Стојчевска.