Наспроти најавите што доаѓаат и од други европски земји за ублажување на рестрикциите, последните предупредувања од СЗО се дека не е време за олеснување на мерките
Словенија од денеска почнува постепено да ги укинува ограничувањата и да ги ублажува мерките што ги воведе поради епидемијата на коронавирусот.
Здравствените установи од денеска ќе почнат да извршуваат специјалистички и амбулантски прегледи кои беа стопирани, а повторно ќе бидат отворени и центрите за рехабилитација.
Од денеска повторно стартува и производството во фабриките „Горење“, „Адриа мобил“ и „Елан“, а следната недела истото ќе го направи и „Ревоз“. Од словенечката влада објавија дека во текот на денот на прес-конференција ќе објават кои други забрани и ограничување ќе бидат укинати.
Наспроти најавите што доаѓаат и од други европски земји за ублажување на рестрикциите, последните предупредувања од Светската здравствена организација се дека не е време за олеснување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, туку дека треба и двојно и тројно да се зголемат напорите за да се победи епидемијата.
Експертот на СЗО, Дејвид Набаро, пак, прогнозира дека општествата мора да се приспособат и „да научат да живеат со новата реалност“ бидејќи коронавирусот веројатно ќе го има уште извесно време.