Прес-конференцијата на министерот за економија Крешник Бектеши, која требаше да се одржи денеска во 14 часот, е одложена на неодредено време. Новинарите трпеливо го чекаа министерот да се појави во Медија центарот на Владата на средбата закажана доцна синоќа, но по речиси час и половина излезе дека било залудно. Од неговиот кабинет известија дека, поради дебатата која сè уште траела на владината седница, тој нема да биде во можност да излезе пред медиумите.

„Имало тематска седница, околу рекордниот број апликации на компании за финансиска поддршка по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Таа неочекувано се одолжила. Тоа е причината поради која прес-конференцијата се одложува. Во име на министерот, примете го нашето извинување“,
ни рекоа од Кабинетот на Бектеши.
Нема информација кој би бил новиот термин за средба со новинарите на која министерот за економија ќе ги изнесе своите аргументи за спојувањето на концесиите за рудникот Иловица. Од кабинетот на Бектеши велат дека тоа сигурно нема да биде денеска, туку наредните денови, за што медиумите и јавноста навреме ќе бидат информирани.

Денеска се одржа првата седница на Владата по враќањето на министерот Бектеши од службеното патување во САД. На неа тој требаше одново да реферира за сите управни и судски постапки (одлуки, заклучоци и информации) поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, почнувајќи од првата одлука до денес.
Од Владата не откриваат ниту дали почнала дебатата околу ова прашање повторувајќи дека предолго трае расправата за Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Инаку, на минатонеделниот брифинг во Министерството за економија беше повторен ставот дека спојување на концесиите за Иловица-Штука треба да има и дека станува збор за административно спојување со кое државата избегнува идни спорови.
Тоа го аргументираат со тврдење дека двете концесии се една целина, односно првата концесија е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување.
Голем дел од министрите, особено оние од СДСМ јавно се изјаснија против изградбата на рудникот, а дел од нив го поддржаа и присуствуваа на протестот во Струмица, организиран од екоактивистите и жителите од југоистокот.