Францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиското обраќање до јавноста соопшти дека ограничувањата, кои стапија на сила на 17 март, ќе траат до понеделник 11 мај, под услов тие да се почитуваат, јави МИА од Париз.
„Живееме во тешки денови. Благодарение на нашите напори, напредуваме секој ден. Нашиот здравствен персонал, нашите војници, нашите пожарникари, нашите фармацевти издржаа. Француските болници успеаја да ги лекуваат сите“,
рече Макрон во своето четврто обраќање од почетокот на епидемијата.
Потоа тој им честиташе на сите што се „во првите редови на фронтот“ против вирусот: здравствени работници, државни службеници, војници, пожарникари и фармацевти.
Истакнувајќи дека ситуацијата е сè уште многу тензична во регионот Гранд Ест и во Ил-де-Франс, Макрон дека епидемијата сè уште не е под контрола.
„Ова е причината зошто најстрогото ограничување мора да продолжи до понеделник, 11 мај. Ова е услов за дополнително забавување на напредокот на вирусот“,
нагласи Макрон.
Според него, 11 мај ќе биде почеток на нова етапа и нова организација, а целта е да се заштити здравјето на сите Французи, најавувајќи дека училиштата, градинките етапно ќе се отворат.
Сепак, тој рече дека има еден услов:
„Понеделник, 11 мај, ќе биде можно само ако продолжиме да бидеме одговорни и ако ширењето на вирусот всушност продолжи да се забавува. Правилата за задржување нема да бидат променети во овој момент, но тие мора да бидат целосно имплементирани“,
рече тој.
Тој исто така увери дека овие правила мора да бидат исти на целата територија и најави дека помошта за поединците и претпријатијата ќе продолжи и понатаму.
Во Франција има вкупно 136 779 случаи на заразени со коронавирус, од кои 14 967 лица починаа. Во изминатите 24 часа се дијагностицирани нови 4 188 случаи на заразени и 574 смртни случаи.